Владата на Мицкоски договора прифаќање на францускиот предлог, порача Жерновски

by irena 12:32
12:32

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, денеска на прес-конференција пред Владата обвини дека се подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог и дека, според информации со кои располага партијата, Владата предводена од Христијан Мицкоски тоа веќе го договорила.

„Почитувани граѓани, се подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог. Наши информации од Брисел зборуваат дека Владата на Мицкоски тоа веќе го договорила. Тоа се јасни сигнали што пристигнаа од Брисел, Берлин и Париз“, изјави Жерновски.

Тој оцени дека Владата се обидува да изгради стратегија со која ќе го претстави како победа она што, според него, додека била во опозиција го нарекувала лага и велепредавство.

„Како поинаку ќе се објасни дека СДСМ бил во право? Токму врз тие лаги дојдоа на власт“, рече Жерновски.

Осврнувајќи се на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, Жерновски рече дека јавноста била изненадена од, како што оцени, наглиот пресврт во неговите ставови.

„Сè започна кога самиот призна дека ние сме Македонци и дека зборуваме македонски јазик, а не како што тие тврдеа додека беа во опозиција“, изјави тој.

Жерновски додаде дека, според него, подготовката на јавноста продолжила и преку тврдењата дека протоколот не е дел од преговарачката рамка, иако, како што рече, токму тоа било една од главните основи за нападите на ВМРО-ДПМНЕ кон тогашната власт. Потсети и на неодамнешната изјава на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека јазикот, културата и националниот идентитет се заштитени со Преспанскиот договор.

Според Жерновски, во периодот што следува ќе стане јасно дека СДСМ ги говорела вистинските позиции и дека одлуките што ги носела биле тешки, но во интерес на европската иднина на државата и задржувањето на младите во земјата.

Слични вести