Владата го демантира СДСМ: Шише вода од 1,5 литри кое чини најмалку 25 денари, го набавуваме по цена од 12,5

by irena 12:35
12:35

Владата ги отфрли како „невистинити“ и „целосно измислени дезинформации“ обвинувањата на СДСМ во врска со набавката на флаширана вода за граѓаните на Гостивар, оценувајќи дека станува збор за обид за манипулација на јавноста.

Од Владата потврдуваат дека постапката за набавка ја спровела Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) преку постапка со преговарање, а договорот го добила компанијата „Кожувчанка“. Посочуваат дека водата се обезбедува бесплатно за граѓаните погодени од кризата.

Според Владата, шише вода од 1,5 литри, кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, е набавено по цена од 12,5 денари.

„Тоа е возможно затоа што компанијата ‘Кожувчанка’ учествува во набавката со сопствен придонес, со цел да им се помогне на граѓаните и институциите во услови на кризна состојба. Фактите се јасни и лесно проверливи. Обидите за нивно искривување нема да ја променат вистината“, се наведува во реакцијата на Владата.

Оттаму ја повикаа СДСМ да престане, како што велат, со ширење невистини и искривување на фактите.

„Во отсуство на реални теми и аргументи, СДСМ повторно се служи со лаги, надевајќи се дека ќе ја доведе јавноста во заблуда. Владата останува доследна на обврската граѓаните на Гостивар да добиваат безбедна вода за пиење сè додека надлежните институции официјално не потврдат дека водата од водоводниот систем е исправна за употреба“, соопштија од Владата.

Претходно, СДСМ обвини дека Владата ја претворила здравствената криза во Гостивар во „бизнис-зделка“ вредна околу 100.000 евра. Од партијата тврдат дека СОЗР склучила договор за набавка на флаширана вода преку директно договарање, без претходно објавен јавен оглас, со компанијата „Кожувчанка“, за која наведуваат дека е во сопственост на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Според СДСМ, постапката ја спровел директорот на СОЗР, Ивица Томовски.

Слични вести