Од околу 30 пожари кои биле регистрирани вчера на отворен простор на разни места низ земјата, пожарот во Кавадаречко бил најтежок за интервенција и се очекува до крајот на денот да биде изгаснат во целост, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, на заедничката прес-конференција со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
-Во текот на вчерашниот ден имавме околу 30 пожари на отворен простор, неколку од нив се претворија во сериозни, тешки за гасење, пожари. Најтежок којшто вчера беснееше на територијата на државата е пожарот којшто се одвиваше на подрачјето зад нас, на територијата на општина Кавадарци.
Во текот на вчерашниот ден овде дејствувавме со два ер-трактори и со полицискиот и со армискиот хеликоптер. Денеска наутро почнавме да дејствуваме со три ер-трактори коишто помогнаа на локалните пожарникари од Кавадарци овој пожар да биде ставен безмалку под целосна контрола – рече Ангелов.
Пожарот бил исклучително тежок за гасење, зашто се одвивал на тешко пристапен терен обраснат со густи грмушки и трња, тежок за движење на пешадија, но и многу стрмни ридишта.
– Градоначалникот Јанчев покажа школски пример како треба да се гаси еден ваков пожар, бидејќи на лице место овде на земја имавме голем број локални пожарникари.
Од негова страна беа ангажирани и доброволни пожарникари – две доброволни противпожарни друштва, понатаму локалната самоуправа, комуналното претпријатие, механизација, булдожери и друга тешка механизација со којашто се правеа противпожарни пресеци. Од воздух помош дадоа ер-тракторите на Дирекцијата, како и еден армиски и еден полициски хеликоптер – појасни Ангелов.
Јанчев се осврна хронолошки на пожарот во Кавадаречко.
-На нашиот најголем македонски празник Илинден, 2 Август, околу 21 часот, е пријавен пожар на локалитетот Раец, поточно во атарот на Раец спрема Дреново и Ќесендре. Во истиот момент избувнуваат пожари на пет локации коишто се оддалечени една од друга по околу 500 до 700 метри. Значи станува збор за очигледно подметнат пожар – вели Јанчев.
Пријавата веднаш била сфатена сериозно, додаде тој.
-Се работеше до доцните ноќни часови, меѓутоа поради специфичноста на теренот, недостапноста и терен до којшто не може да се пристапи со пешадија, не успеавме вечерта да го санираме комплетно. Утредента, на 3-ти, се продолжи со комплетно гасење на пожарот. Ни се придружија и два ер-трактори во вчерашниот ден кои помогнаа доста од воздух.
Вчера пожарот поради ветровите и високите температури, доста се прошири, во радиус од околу 7 километри квадратни и го зафати делот на село Дреново, село Раец, околината на Раец и село Ќесендре – додаде Јанчев.
Тој очекува до крајот на денот, овој пожар да биде изгаснат во целост заедно со ер -тракторите и да се остават патроли за да функционираат.