Стојаноски: Со ребалансот на Буџетот се издвојуваат дополнителни средства за реализација на капитални проекти

by irena 20:58
20:58

„14,5% се повисоки средствата во ставката за реализирање на капитални проекти, а понатаму се зголемуваат средствата и за социјални трансфери и за оние обврски кои што државата ги има кон граѓаните, и за повисоки плати и за повисоки пензии, нешто што сметам дека е суштина на вака поставен буџетски документ“, изјави Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на МРТ1.

Пратеникот Стојаноски напомена дека ребалансот на буџетот се прави во моменти кога одредени приоритети треба да се прекројат односно на некои ставки да се даде поголем приоритет, а тоа се ставките кои гарантираат реализација на повеќе капитални проекти.

„Над пет милијарди денари повеќе за реализација на капитални проекти од овој момент до крајот на годината. Развојните потпрограми се повисоки за над четири милијарди денари, што укажува дека проширувањето на дефицитот ќе оди исклучиво во финансирање на капитални проекти кои што ќе генерираат и покачување на економијата“, кажа Стојаноски.

Стојаноски потсети дека последните 7 квартали растот на БДП е над 3% и дека истиот е генериран од вложувањето во капиталните проекти, странските директни инвестиции, како и помошта на домашното стопанство.

„Ние одлучивме дополнителни средства да вложиме во реализација на капитални проекти за да можеме да го поддржиме нашиот модел на раст на бруто домашниот производ и тоа е сосема јасно“, рече Стојаноски и додаде:

„Во овој момент граѓаните треба да бидат спокојни, нема да се покачи јавниот долг, напротив, видовме денеска дека е намален и она кое што ќе се финансира со тој дефицит ќе иде исклучиво во мултипликативниот ефект на економијата, а тоа е градежништвото“.

Слични вести