Влатко СТОЈАНОВСКИ
Набргу по политичките промени пред 2 години, речиси целокупната опозиција предводена од СДСМ и ДУИ почна интензивно да пласира наратив дека новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН сè повеќе ја извлекува Македонија од евроинтегративниот процес, па дури и дека ја сместува во т.н. српски свет.
А, кога опозициските партии ја обвинуваат Владата дека ја турка земјава во „српски свет“, како поткрепа за ваквите тези, покрај останатото, го користат и Иван Стоиљковиќ, лидер на владејачката Демократска партија на Србите, кој до вчера беше вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, а во рамки на последната владина реконструкција стана министер за локална самоуправа.
Со одлуката да му даде високи и сензитивни владини позиции на Стоиљковиќ, според опозицијата, премиерот Христијан Мицкоски покажува дека го фаворизира „српскиот свет“, кој, според нив, е во колизија со евроинтеграцискиот процес.
– Не ви пречеше да трчате на бања да го убедувате и да нудите сѐ и сешто за да гласа за промена на името. Тогаш не ви пречеше Иван Стоилковиќ. Не ви пречеше кога трчавте по Скопје и по Куманово да го молите, да коленичите пред Иван Стоилковиќ да гласа за промена на името? И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство.
И сега се обидувате, би рекол, во политички деминутив да му се обраќате на него и на владата којашто ја предводам јас – рече Мицкоски во Парламентот, одговарајќи на критиките на опозицијата дека со изборот на Стоиљковиќ за министер за локална самоуправа „српскиот свет“ фактички добива „губернатор на 80 македонски општини“.
На тој начин, премиерот недвосмислено покажа дека цврство стои зад Стоиљковиќ поради неговата лојалност во опозициските денови, кога тогашната влада на СДСМ и ДУИ беше во постојан лов на пратеник повеќе од опозицијата со цел да го зајакне тенкото парламентарно мнозинство, или, пак, да обезбеди двотретинско мнозинство, како што беше неопходно за Преспанскиот договор.
Единствено Стоиљковиќ и лидерот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски, ги издржаа овие притисоци, што очигледно Мицкоски го цени, па и двајцата ги направи вицепремиери и министри. Од таа гледна точка, Стоиљковиќ можеби е само награден поради лојалноста и не значи дека е дел од план за стратешко репозиционирање на земјава.
Како и да е, тоа не го спречува да тера лична паралелна агенда, поврзана со зајакнување на статусот и правата на Србите. Како етнички Србин и предводник на етничка партија, од Стоиљковиќ и се очекува да работи за Србите, па дури и да се обидува да гради поблиски релации и контакти со Србија и српските лидери во регионот.
За волја на вистината, тоа не е ништо поразлично кога албанските лидери во земјава се обидуваaт да градат пријателски и братски односи со Албанија и Косово, како што се случувало и се уште се случува.
Колку за потсетување, со помош на албанскиот премиер Еди Рама своевремено се обединија дел од албанските партии за да предизвикаат промени во 2016-2017 година, додека во 2024 година косовскиот премиер Албин Курти посредуваше при обединување албанската опозиција, што предизвика промена во албанскиот блок.
Оттука, вистинското прашање не е дали Стоиљковиќ работи за Србите и за добри односи со Србија, туку дали и колку гради релации со Русија? Бездруго, одработувањето во прилог на руските интереси во земјава е крајно дискутабилно, поради нашата позиција како земја-членка на НАТО и нашиот стратешки интерес за интеграција во ЕУ. Но, што велат фактите?
На пример, може да се утврдат доста сличности меѓу Стоиљковиќ и српскиот политичар и долгогодишен висок државен функционер се додека не се најде на „црна листа“ на САД – Александар Вулин, кој отворено го промовира „српскиот свет“, велејќи: „Српскиот свет е природна потреба на Србите – или ќе се обединиме или ќе исчезнеме“.
Имено, и едниот и другиот водат, условно кажано, помали партии (ДПС и Движење за социјалисти) кои се дел од власта и во такви околности вршеле или вршат високи државни позиции (Вулин бил министер за одбрана и полиција, директор на БИА, потпретседател на Србија…).
Згора на тоа, двајцата ги обединува и еден настан од 2023 година, кога, во друштво и на тогашниот претседател на Република Српска Милорад Додик, присуствуваа на 11-тиот Московски безбедносен самит, кој се одржува под покровителство на Советот за безбедност на Русија и служи како геополитичка платформа за дискусии за глобалната безбедност.

Во врска со Додик, пак, вреди да се напомене дека големо внимание привлече неговата посета на земјава ланската година по повод Свети Сава – национален празник на Србите во Македонија.
За време на манифестацијата во Скопје, во присуство на Стоиљковиќ и на Мицкоски, Додик говореше дека лажни се тврдењата оти српскиот народ извршил геноцид врз муслиманското население за време на војната во Босна и патем ја спореди војната во Украина со ситуацијата во Босна и Херцеговина, при што рече дека Русија на чело со Путин прави сè што е можно за да го заштити руското малцинство во Украина.
–Ние го почитуваме изборот на Македонија и политичките насоки по кои се движи, но ние Србите, по бомбардирањето од страна на НАТО, не можеме да бидеме членки на НАТО, ниту Србија ниту Република Српска.
Ние сме на европскиот пат, но гледаме дека таа Европа најмногу се посрамоти со Македонија која направи многу отстапки, а за возврат доби малку од Европа и мораме еден ден да застанеме и да размислиме дали овој пат треба да продолжи, бидејќи што ни дава Европа?
Начин на живот, добро, но што остана од неа, од тие вредности? Дали Европа има лидер – нема. Дали има суровини – нема. Европа ја изгуби глобалната конкурентска способност – рече Додик.

По ваквиот говор на Додик, реагираше Мицкоски, велејќи дека не се согласува со содржината на говорот кој се однесува на анти-ЕУ и анти-НАТО позиции, истакнувајќи: „Навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки“.
Воедно, реагираше и Стоиљковиќ, кој рече дека се согласува со Мицкоски оти говорот на Додик треба да соодветствува со празнично расположение, а не со политички пораки.
Сепак, дека не се работи за прв „скандал“ од ваков тип потврдува фактот што Стоиљковиќ неколку години претходно на истиот настан го поканил Драгослав Бокан, кој во едно ТВ-интервју рече дека Македонија е вештачки конструкт и дека ќе се распадне?!
Покрај отворените анти-НАТО и анти-ЕУ настапи на Додик и други лица што се доведуваат во релација со Стоиљковиќ, од кои некои дури имаат и антимакедонски ставови, евидентно е дека кај нив истовремено има и проруски тенденции.
Па, така, Додик периодов имаше неколку средби со Владимир Путин, на кои, според него, Путин изразил поддршка на Република Српска визави специфичните односи во БиХ дефинирани со Дејтонскиот договор.
Што се однесува до Стоиљковиќ, пак, тој лани беше на прием во руската амбасада по повод Денот на Русија, но не така одамна бил и во посета на Русија, каде градел непосредни односи со владејачката партија Единствена Русија, основана во 2001 година со цел да ја поддржува политиката на Путин.

Како што е познато, пред десетина години, или поточно на средината на турбулентната 2016 година, кога во земјава имаше голема политичка криза поради аферата со масовното прислушување, Стоиљковиќ како лидер на ДПС отпатува за Москва за да присуствува на 15-тиот Конгрес на Единствена Русија, чиј лидер од 2008 до 2012 беше Путин, а од 2012 ја предводи неговиот близок соработник Димитриј Медведев.
Како што рече тогаш во изјава за ТВ Сител, поканата ја смета и како лична заслуга и не е резултат само на тоа што во тоа време беше претседател на собраниската комисија за соработка со Руската Федерација.
Притоа, Стоиљковиќ ја потпишал декларацијата за соработка со Единствена Русија, но и декларацијата за идните руски политики на Балканот, позната и како „Ловќенска декларација“.
–Ова само докажува дека Русија полека, но сигурно се враќа на меѓународната политичка сцена, но во една сосема нова улога.
Се очекува да биде потпишана и Декларација со која на Република Македонија и на цел Балкан би му се гарантирала територијален интегритет и суверенитет, а она што е битно за нас е тоа што таа декларација, исто така, и зачувување на уставното име на државата што е многу значајно за Република Македонија.
Учесниците многу се интересираат за земјите од Балканот, сакаат да бидат запознаени со нивните можности како би се отворил простор за соработка – рекол тој пред десетина години.
Речиси една деценија подоцна, Стоиљковиќ стана вицепремиер и министер во македонската влада, а повеќе аспекти околу неговите политички позиции може да се исчитаат од 2 негови интервјуа за Канал 5 дадени ланската 2025 година.
Од она што го кажа во овие ТВ-настапи, може да се заклучи дека тој ја признава (гео)политичката и внатрешната реалност за Македонија како мултиетничка држава која е членка на НАТО и кандидат за членка на ЕУ, но истовремено порачува дека треба да се има на ум новата меѓународна архитектура со доаѓањето на Доналд Трамп во САД и, како што вели, „добро е да се игра на повеќе колосеци“.

– Нема тука дилеми, нема простор да го преиспитате тој пат (евроинтеграцискиот пат). Едноставно, работите се усложнети на многу повисоко ниво, на ниво кое не зависи од нас и ниво на кое ние не можеме да влијаеме.
Станува збор за геополитички промени на целокупната западноевропска и американска структура, со доаѓањето на Трамп многу работи се променија. Едноставно работите се такви какви што се… – рече тој?
Прашан за темата за „српскиот свет“, Стоиљковиќ рече дека тоа како теза е присутна во јавноста, но патем тврди дека е „гола манипулација“. Според него, „српски свет“, како и секој друг „свет“, е социолошко-политички поим, кој има културни и географски особености.
–Имаме „англиски свет“, но луѓето не знаат за него зашто во јавноста не се употребува. Граѓаните не знаат ни за приказна наречена „мондо италијано“ – италијански свет, не знаат за „дојче велт“ или германски свет, но најинтересен е српскиот свет, па рускиот свет.
А најважен всушност е романскиот свет („лалумеа романеску“), со оглед дека Романците живејат на повеќе места и од таму потекнува тој термин како приказна и означува една приказна која овде на Македонците може да им се објасни со тоа дека има и „македонски свет“.
И сега некој ќе се прашува како? Па, зошто тогаш заминаа политичките партии во Пустец ако Пустец не е македонски свет – рече Стоиљковиќ.
Во однос на прашањето дали можеби пораката на Додик во Скопје била дека треба да гледаме кон Русија, тој прво појасни дека двајцата биле пријатели и имале лични релации со години, а потоа раскажа и како Додик веднаш откако слетал со авионот во Скопје, рекол дека прво сака да оди кај него во кабинет.
Потоа, пак, рече дека тврдењата за ориентација кон Русија се манипулација, независно што тој е чест гостин во Москва, а пред десетина години самиот изјави дека „Русија полека, но сигурно се враќа на меѓународната политичка сцена, но во една сосема нова улога“. Настрана тоа, сега вели дека тезите за свртување кон Русија се „карикирање“.
–Ајде да не карикираме, знаете колку е далеку Русија? Сакаме да манипулираме за да затскриеме некои слабости, односно да се обидеме да влеземе во старите шеми. Старите шеми не функционираат повеќе очигледно…
Светот е во сериозни промени и ние мораме на време да се качиме на вагонот за да можеме подобро да истуркаме напред. Од тој аспект, политиката е сосема јасна, тој е патот (кон ЕУ), еве гледате и Србија не го напушта.
Дури и Додик, без оглед на зборувањето, тој е веќе во некакви си преговори за отпочнување на преговори на БиХ за членство во ЕУ. Така што тоа е повеќе резултат на манипулација отколку на реална состојба во регионот – рече Стоиљковиќ.
Арно ама, не пропушти прилика да изрази согласување со Додик дека ЕУ била дволична кон Македонија, но вината за тоа ја префрли и кон македонски структури, кои направиле пропуст, посочувајќи:
„Но, промената на геополитичките односи ни дава шанса да поминеме под радарот со многу помала штета отколку што е првобитната штета. И таа шанса треба да се искористи, особено поради добрите односи на Мицкоски со новата американска администрација.
Добро е да се игра на повеќе колосеци зашто ако слепо ги следиме само едните приказни мислам дека нема далеку да стигнеме бидејќи прилично сме изгорени…“.
Инаку, подолг период наназад, одредени медиуми пишуваат дека ќерката на Стоиљковиќ, работи во Руската Федерација. Одговарајќи на прашање дали таа работи во руското Министерство за надворешни работи, тој неодамна изјави:
„Не. Таа беше оквалификувана во македонската јавност како таму да седи до Путин и донесува одлуки. Такви смешни работи… Се зборувало тоа, дека била советник на Песков, портпарол на Кремљ итн.
Ќерка ми, да, точно е дека таму работеше, но сега работи во една голема приватна компанија. Пред половина година заврши на најеминентниот економски факултет во Сколково и сега работи во една приватна компанија во Русија. Што е проблем што работи во Русија, да не се снаоѓа?“.

Иако го прашавме и побаравме коментар од Стоиљковиќ околу обвинувањата за „српски свет“ и конекции со Русија кога беше во центарот на вниманието во Парламентот поради тензичниот избор за министер за локална самоуправа, сепак, тој не одговори на нашето прашање.
Освен за него, „Фокус“ пишуваше дека може да се најдат официјални информации и податоци за одредени релации со Москва и на новиот министер за земјоделство од редовите на ЗНАМ, Борче Серафимовски.
Меѓу другото, тој порано бил генерален директор на Меѓународниот славјански универзитет од Свети Николе, кој имал соработка со рускиот државен Тамбовски универзитет, чиј поранешен и сегашен ректор биле, т.е. се членови и функционери од владејачката Единствена Русија…