Патнички брод со вкупно 238 лица се насука на Дунав во близина на романскиот град Салција поради екстремно ниско ниво на водата. Бугарската гранична полиција вчера попладне започна со евакуација на 186 патници од крузерот „Викинг Улур“, кој плови под швајцарско знаме. 52 члена на екипажот останаа на бродот,
Информациите за евакуацијата ги објави бугарското Министерство за внатрешни работи, како што јави агенцијата АФП. Бродот требало да се закотви во пристаништето Видин за снабдување, а на бродот почнало да му снемува вода за пиење.
Бродскиот агент ангажирал друг брод за да ги собере патниците, но не успеал да се приближи доволно до заглавениот крузер. Снимките објавени од бугарската полиција покажуваат патници во елеци за спасување на кои спасувачите им помагаат да се качат на патролен чамец на граничната полиција.
Бродот исплови од градот Дробета-Турну Северин во понеделник вечерта, со насока кон Видин, Бугарија. За време на патувањето, се блокираше во област со бројни песочни насипи.