Украинските одбранбени сили уништија руски стратешки бомбардер Ту-95 на воениот аеродром Енгелс, на реката Волга во централна Русија, околу 800 километри од руско-украинската граница, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.
-Силите на Службата за безбедност на Украина (СБУ) го уништија воениот авион Ту-95 во Енгелс, кој се користеше за руските ракетни напади врз нашата земја – изјави Зеленски.
Тој додаде дека украинските сили извршиле напади и врз објекти на руската нафтена индустрија, како и врз одредени цели на териториите под руска окупација, оценувајќи дека со тоа се зголемува цената на руската агресија.
Од СБУ соопштија дека, според првичните информации, авионот претрпел критични оштетувања, меѓу кои и целосно одвојување на задниот дел од леталото.