Сиљановска против тезата „победник со победник“: Може да создаде 20 години власт на истите партии

by irena 17:54
17:54

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оцени дека во изборниот процес победникот може да биде само еден, без разлика дали станува збор за мултикултурно општество.

Таа, одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој повика на коалицирање по принципот „победник со победник“, посочи дека таквиот пристап не е во согласност со основните принципи на изборниот процес.

Според Сиљановска-Давкова, македонската политичка практика покажува дека и партии со големо парламентарно мнозинство често избирале коалициско владеење, што, како што рече, е одговорен политички чекор.

„Мораме да научиме дека кога има избори, победникот е еден. Инаку, зошто би се одело на избори ако освоените гласови не се услов за прогласување победник? Но, со оглед на нашата политичка структура, победникот и кога имал двотретинско мнозинство посегнувал по коалицирање, што е одговорен чин“, изјави претседателката.

Таа додаде дека коалицирањето овозможува поширока одговорност во управувањето и учество на различни политички фактори во решавањето на проблемите во институциите.

Сиљановска-Давкова предупреди дека тезата за задолжителна коалиција „победник со победник“ може да создаде ситуација во која истите политички субјекти долго време би останувале на власт, додека други партии би биле исклучени од можноста да учествуваат во владеењето.

Според неа, поиздржлив модел е партиите да избираат партнери со кои имаат програмска и идеолошка блискост, наместо однапред да биде определено кој мора да влезе во коалиција.

Слични вести