Мицкоски ќе биде сослушан по тужбата на Ристовска против ВМРО-ДПМНЕ

by vlatko 18:26
18:26

Премиерот Христијан Мицкоски ќе добие судска покана да се појави на 9-ти октомври во Граѓанскиот суд во Скопје, каде што треба да биде сослушан како странка во постапката по тужбата за клевета и навреда што ја поднесе поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска против владејачката партија.

Одлуката ја донесе судијката Љубица Колиќ на денешното подготвително рочиште, откако го прифати барањето на полномошникот на Ристоска. Како актуелен законски застапник на партијата, Мицкоски ќе биде повикан да даде исказ, а поканата ќе му биде доставена на адресата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Ристоска ја тужи партијата поради соопштение објавено во февруари минатата година, во кое беше наречена „партиска испостава на СДС и ДУИ“ и „симбол на моралниот пад на обвинителството“, додека во текстот беше наведено и дека „отсуството на срам е одлика на вакви луѓе“.

Адвокатот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, пред судот оцени дека сослушувањето на Мицкоски е нецелисходно, но конечната одлука ја остави на судот. Во одговорот на тужбата, партијата наведува дека соопштението претставува отворање дебата за прашања од јавен интерес, поврзани со бонусите и работењето на поранешното Специјално јавно обвинителство.

Ристоска бара надомест на нематеријална штета во висина од 300 илјади денари – по 150 илјади денари за навреда и за клевета.

Слични вести