Се подготвува нов филмски проект посветен на македонската музичка легенда Тоше Проески, а во рамките на подготовките свој придонес и сведоштво даде и нашиот познат актер и шоумен, Игор Џамбазов.
Тој во поткастот „Естраден лексикон“ откри дека неодамна учествувал во истражувањето за филмот, каде што со часови ги споделувал своите сеќавања.
„Јас дури учествував и во истражувањето што го правеа. Ме замолија од таа продукција, одвоив еден час, седнавме со една новинарка и раскажав сè што знаев за Тоше. Можеби нешто од тоа ќе биде искористено — некакви анегдоти, некои работи за него што ги знаев“, вели Џамбазов.
Сепак, целиот процес околу најавите за нови проекти и начинот на кој денес се зборува за Тоше, кај Џамбазов предизвикува револт. Тој отворено реагира на фактот што во јавноста премногу често се појавуваат личности кои се претставуваат како негови блиски пријатели.
„Мене ме изнервира тоа што најповикани да зборуваат за него станаа луѓе кои него не го ни познаваа. Единствено Соња Неделковска, новинарката која ја објави книгата, таа навистина има некакви, ајде да речам, права… што се вели, куќен пријател им бил, им доаѓал на гости, заедно ги правеле текстовите. Па, другото… 80 отсто јас ти тврдам дека не го познаваат Тоше или го виделе двапати, можеби, во животот“, вели Џамбазов.
Тој додава дека чува многу приказни со Тоше кои не се за во јавност, но исто така смета дека Тоше заслужува сериозен филмски третман, и документарен и игран.
„Јас имам десет работи за Тоше што сметам дека не е момент да ги раскажам. Но, затоа имам работи што сум ги раскажал, што сум ги доживеал. Бевме на турнеја заедно во Австралија, Тоше и јас бевме цимери. Сега треба да има два филма за Тоше: еден апсолутно документарен и еден игран филм за него.“
Потсетувајќи се на минатите обиди да се зачува ликот и делото на Проески преку уметноста, Џамбазов се осврна и на некогашниот мјузикл „Тајно моја“, во кој и самиот играше.
„Јас играв во тој мјузикл. Но, се случи и толку. Знаеш што се случи? Се случи ова: премиера и седум-осум претстави — преполни! Доаѓаат избори, доаѓа нов директор и вика: ‘Од утре оваа претстава не игра на репертоарот!’“, рече Џамбазов.