Лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, во гостување на „4ТВ“ го оцени досегашниот мандат на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, велејќи дека нејзините перформанси засега се под нивото на нејзините претходници.
Јакимовски рече дека има голема почит кон Сиљановска-Давкова како професор и поранешен пратеник, но смета дека не се снашла најдобро во претседателската функција.
„Ја познавам госпоѓата Сиљановска и имам исклучителна почит кон неа. Таа е солиден професор и беше солиден пратеник, но сметам дека не се снајде најдобро на функцијата претседател. На Македонија ѝ треба посилна, помаркантна фигура за претседател на државата“, изјави Јакимовски.
Во својата анализа тој направи споредба со сите досегашни претседатели на државата, посочувајќи дека Македонија е навикната на поинаков профил на лидер во „Вила Водно“.
Како примери за силни државнички личности ги издвои Киро Глигоров и Борис Трајковски.
„Имам почит кон Црвенковски, па дури мислам дека и Пендаровски, Иванов и сите останати претходници, во споредба со Сиљановска, манифестираа подобри перформанси. Засега, она што таа го покажува е под нивото на сите поранешни претседатели на Македонија“, рече Јакимовски.
Според него, функцијата претседател бара лидер кој ќе биде силен авторитет и коректив во политичкиот систем, а не само административен извршител или теоретичар.
„Едноставно, компарирајќи ја со било кој од претходните, перформансите се послаби“, заклучи Јакимовски во емисијата „Ноќно студио“.