Во пресрет на утрешниот Конгрес на кој коалицијата ВЛЕН ќе се трансформира во единствен политички субјект, еден од лидерите, Изет Меџити, изјави оти е убеден дека по обединувачкиот конгрес коалицискиот партнер во власта ќе добие поголемо влијание кај гласачите етнички Албанци во земјава.
-ВЛЕН со ова се факторизира, станува поголем и ќе има многу поголема апсорпциска моќ – особено кај независното членство и кај незадоволните од албанската опозиција. И тоа ќе се види веднаш по формирањето, па понатаму – рече Меџити.
Тој вели дека по обединувањето на ВЛЕН во еден политички субјект, Владата ќе го започне процесот на реконструкција, што премиерот Христијан Мицкоски го најави за крајот на овој и почетокот на следниот месец.
Засега, вели Меџити, сè уште нема конкретен договор меѓу партнерите во власта околу распределбата на министерските места, односно колку од нив ќе добие ВЛЕН по трансформацијата во единствен политички субјект.