Јолески за „Фокус“: Повеќе сум во болница, отколку дома

by irena 11:38
11:38

Со тешка судбина и трка низ здравствените лавиринти, речиси цел живот се соочува 40-годишниот Васко Јолески од Струга, кој секојдневно води битка со ударите што му ги задава македонскиот здравствен систем. Тој е само еден од бројната листа на пациенти, кои од мали нозе на свој грб ја почувствувале тежината на животот.

Јолески, без двоумење, за „Фокус“ ја раскажа својата животна приказна. На него како дете му била дијагностицирана акутна лимфна леукемија по што 5-6 години бил лекуван во државната клиника со цитостатска терапија, за навидум болеста да биде излечена без последици.

По лекувањето, еден период се правеа редовни контроли, но на волја на судбината ги загубив родителите прерано, на 13-годишна возраст, па контролите беа прекинати. Во следните години имав нормален живот, со нормални активности, дури и поактивен живот од нормален за таа возраст.

 

Во 2011 година, на 26-годишна возраст, за првпат почувствував сиптоми на срцева слабост по што и ми беше дијагностицирана срцева слабост, па сè до 2019-2020 година, состојбата ми беше третирана со лекови, а тогаш наеднаш состојбата се влоши и честопати бев хоспитализиран во болница, раскажува Јолески.

Сепак, како што почнува ковид-кризата во државава, така 40-годишниот стружанец завршува во болница заразен од опасниот вирус, а во исто време веќе му била закажана операција за имплантација на уред.

Поради мерките за ковид-кризата, односно забраната на меѓународен поштенски сообраќај, уредот доцнеше, па, иако итна, операцијата ми беше направена со доцнење, народски кажано во последен момент. По успешната операција, на 15-от ден имав интервенција, пункција за вадење насобрана вода од околу градниот кош при што ми беше повредена слезинката и имав уште една итна и тешка операција.

 

По закрепнувањето од овие операции, до пред 6 месеци живеев релативно стабилен живот, во поглед на болеста, а во последниве 6 месеци, поради предолго носење на уредот, здравствената состојба е влошена, десното срце попушта и повеќе сум хоспитализиран колку што сум дома. Докторите кажуват дека единственото решение е што побргу да се направи трансплантација, тврди Јолески.

Со оглед на тоа дека неговата здравствена состојба е влошена, тој апелира до надлежните и до владата да се посвети повеќе внимание на оваа тема и да се преземат конкретни чекори за развивање на трансплантната медицина и за подигање на свеста кај народот.

На годишно ниво, во Македонија, околу 25 пациенти добиваат механичко срце, во кои влегуваат и оние новите, на кои истата година им е извршена интервенција, но затоа, пак, 6-7 пациенти умираат, што од тоа што не можеле да ја добијат битката, што и од негрижата на државата – конечно да се почне со трансплантација. Ги има и млади, и стари.

За првпат ваква операција во земјава е изведена пред речиси осум години, поточно во 2018 година на скопската Државна кардиохирургија. Педесет и четиригодишен пациент е првиот што доби механичко срце. Ваквите операции во странство, во Германија, чинат 340.000-350.000 евра, а во Македонија, вкупните трошоци не надминуваат повеќе од 120.000 евра.

Од друга страна, пак, во приватната болница „Аџибадем Систина“, првото механичко срце беше вградено, исто така во 2018 година, додека, пак, во „Жан Митрев клиник“ една година подоцна.

Без разлика што од сите три болници фрчеа соопштенија со пофалби, сепак и по осум години, ниту еден од овие пациенти не доживеа трансплантација, туку сѐ уште живеат живот, како што самите знаат да кажат, на батерии.

Ирена МУЛАЧКА

Слични вести