„Обликување на иднина во мир“ е мотото под кое утре и задутре во Лусака, Замбија, ќе се одржи глобалната конференција по повод 3 Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите.
Светскиот ден на слободата на медиумите е воспоставен врз основа на одлука на Генералното собрание на Обединетите нации и по препорака на Генералното собрание на УНЕСКО од 1991 година. Се одбележува од 1993 година, секогаш на 3 мај, а целта е да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсети на медиумските работници кои ги загубија животите при вршење на својата работа.
Како ден за одбележување е годишнината од усвојувањето на Декларацијата Виндхоек за промовирање на независно и плуралистичко африканско новинарство од 1991 година, донесена од африканските новинари во градот Виндхоек, Намибија.
Како што наведува УНЕСКО на својата интернет страница, со поттикнување на пристапот до сигурни информации, одговорност, дијалог и доверба, слободата на медиумите и независното новинарство се клучни за мирот, економското закрепнување, одржливиот развој и човековите права.
Според Извештајот за светските трендови на УНЕСКО во периодот 2022-2025 година, слободата на медиумите доживеа најголем пад од 2012 година. Овој пад е споредлив со оној што се забележува во најнестабилните периоди од 20 век – двете светски војни и Студената војна.
Европската Унија, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите кој се одбележува на 3 мај, порача дека слободните и независни медиуми претставуваат темел на секое демократско општество и оти новинарите мора да бидат заштитени во сите околности.
Во соопштението на Европската Унија се наведува дека демократијата не може да постои без слободни медиуми и дека пристапот до информации и слободата на изразување не се привилегии, туку основни човекови права.
ЕУ предупредува дека ширум светот е сè поизразено насилството врз новинарите, вклучувајќи убиства, повреди, закани, произволни апсења и присилни протерувања. Посебно се истакнува дека новинарките се несразмерно често мети на родово засновано насилство, вклучувајќи и онлајн вознемирување.
Европската Унија истакнува дека ќе продолжи да го поддржува слободното, плуралистичко и квалитетно новинарство преку соработка со организации како Европскиот фонд за демократија, Обединетите нации и УНЕСКО, како и со регионалните тела како Советот на Европа и ОБСЕ.
Со порака дека солидарноста е основа на новинарството како професија која базира на заштита на јавниот интерес Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) заедно со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и во соработка со Црвениот крст го одбележа 3 мај, Светскиот ден на слобода на медиумите.