УКИМ не само што стагнира, туку бележи и пад, потребно е ново водство за нова енергија и визија

„Фокус“ ви ги претставува кандидатите за ректор на најстарата високообразовна институција во Македонија - Универзитетот „Свети Кирил и Методиј.“ Во трката за нов прв човек влегуваат актуелната ректорка - Билјана Ангелова и професорот на Машинскиот факултет, Дарко Данев. За професор д-р Дарко Данев, падот на Шангајската листа е сериозен аларм и бара преземање итни чекори во три насоки. Прво, мултидисциплинарни истражувања по „нарачка“ - да се формираат тимови на УКИМ што ќе работат на најактуелните светски теми, со обезбеден пристап до соодветни лаборатории и бази на податоци, со цел објавување во списанија со висок импакт-фактор. Второ, мобилизирање на дијаспората - да се вмрежат нашите најуспешни научници од странство со домашниот кадар за заеднички проекти и трудови. И, трето, да се обидеме да ја донесеме светската научна елита на УКИМ - наменски донации и фондови да се употребат за гостувања на нобеловци и врвни светски умови.

by jadranka 11:32
11:32

Разговараше:

Зоран ФИДАНОСКИ

ФОКУС: Што Ви беше мотив за кандидирање за позицијата – прв човек на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и зошто сметате дека Вие треба да ја добиете довербата?

ДАНЕВ: Станува збор за потреба да се одговори на предизвиците со кои се соочува УКИМ во изминатиов период, поврзани со менувањето на улогата и одговорноста на универзитетот во современото општество. Покрај традиционалната улога на академската заедница, која се состои во креирање високообразован кадар (настава) и вршење истражувања со објавување трудови (наука), универзитетот како институција има и таканаречена трета мисија – да биде носител на позитивни промени што придонесуваат за развој на општеството. Тоа вклучува и одредени економски активности (апликативни), како употреба на академското знаење за создавање јавно-приватни партнерски истражувачки проекти, развој на патенти и лиценцирани производи, но и општествено дејствување на универзитетот преку учество во јавни расправи и во процесот на креирање на јавните политики, како и ангажман во општествено-културниот живот на заедницата.

Остварувањето на оваа улога бара нов начин на управување, посовремени услуги за студентите, различни извори на финансирање и целосна транспарентност. Новиот менаџмент нужно подразбира и нови луѓе. Моето професионално искуство – од асистент до редовен професор, раководењето со Машинскиот факултет како декан во два мандати и конкретните резултати што ги постигнавме таму со тимот продекани и со управата, ми даваат за право да верувам дека ќе ја добијам довербата од мнозинството.

ФОКУС: Зошто, според Вас, е потребна промена на водството на УКИМ во овој момент?

ДАНЕВ: Моментот за промена е детерминиран од истекот на мандатот на актуелното раководство, но суштинската потреба лежи во фактот што УКИМ веќе не стагнира, туку – бележи пад. Немаме напредок во научното творештво и наставата, а меѓународната видливост ни е загрижувачки ниска. Невидливи сме на ранг-листите, додека универзитетите од соседството напредуваат. Овие податоци се доволен аргумент дека е потребно ново водство со енергија и визија за пресврт. Потребни ни се нови политики на управување, кои ќе го трансформираат УКИМ, од пасивен набљудувач, во институција што поттикнува реални општествени промени.

УКИМ – ГЛАВЕН ОПШТЕСТВЕН КОРЕКТИВ

ФОКУС: Што планирате да биде Ваш фокус во мандатот, доколку го освоите?

ДАНЕВ: Првиот фокус е подобрување на условите за работа на студентите и кадарот преку соодветна реорганизација на Ректоратот. УКИМ е комплексен спој на факултети и научни институти, секој со свои специфични потреби. Затоа, организациската поставеност треба да ја отсликува реалноста, така што научно-истражувачките институти, како и факултетите од уметностите и спортот ќе бидат претставени преку проректори, кои најдобро ги познаваат нивните интереси и потенцијали. Едни се интересите на институтите, кои се занимаваат првенствено со наука, а други се приоритетите на факултетите, кои, покрај научно истражување, вршат и настава на прв циклус, а многу поразлични се потребите  на уметностите и спортот, чија настава е претежно индивидуална и практична и за чие изведување се потребни специфични услови, простор и инструменти.

Второ, погрешна е тезата дека нашите професори се научно непродуктивни. Нашите колеги објавуваат во реномирани списанија, но Универзитетот мора системски да ги субвенционира трошоците за објавување трудови во светски рамки и да обезбеди отворен пристап (open access) за тие да бидат цитирани и видливи. Пред сѐ, мора да ги поддржиме нашите научници со алатки за творење, а потоа да судиме за нивната продуктивност.

Трето, УКИМ мора повторно да стане главен општествен коректив и креатор на јавните политики. Не може да се подготвува пакет закони од областа на здравството, а УКИМ да не го следи тој процес, кој, патем, трае речиси цела година, и да не организира тематски дебати, во кои главниот збор ќе го имаат Медицинскиот и сродните факултети (Стоматолошки и Фармацевтски).

Наместо молк при најава за нов Закон за високо образование, УКИМ мораше проактивно да понуди готови стручни решенија пред ресорното Министерство да го финализира текстот. Поединци од нашиот Универзитет ѝ се добропознати на јавноста, тие даваат свој придонес, искажуваат ставови, критики, учествуваат во работни тела на државните органи и на тој начин го даваат својот придонес во општествениот развој. Но, тоа се прави стихијно, ад хок и неорганизирано од страна на Универзитетот. Нашата цел е УКИМ институционално, како моќен субјект, а не само како збир на индивидуи, да креира научно издржани ставови за најбитните државни прашања и да ги понуди, а зошто да не и похрабро да ги наметне на политичките чинители.

ФОКУС: Дали УКИМ има доволно автономија, која е уставно загарантирана, од политиката во своето дејствување. И што би направиле таа да се засили?

ДАНЕВ:Автономијата на универзитетот претставува уставна гаранција. Сепак, од постоењето на УКИМ до денес, практикувањето на оваа автономија варира. Некогаш таа е силно изразена, некогаш помалку. Тоа не зависи само од законските решенија. Напротив, зависи од политичката волја и од политичката култура. Колку една владејачка структура сака да ја почитува автономијата на универзитетот, колку ја разбира користа за општеството од почитувањето на таа автономија. Но, уште поважен е интегритетот на раководството на универзитетот. Конкретно, подготвеноста на ректорот и неговиот тим да се жртвуваат себеси, својот комодитет и личните интереси заради зачувување на автономијата на институцијата.

ФОКУС: Универзитетот, според последните рангирања во светски рамки, и не ни влегува на престижната Шангајска листа, а според други оценувања не е ниту меѓу првите две илјади. За разлика од Србија, Хрватска, Бугарија или Грција, кои имаат повеќе универзитети подобро пласирани од УКИМ. Што најитно би направиле, еве да речеме барем три чекори, кои повторно ќе го направат Универзитетот компетитивен?

ДАНЕВ: Падот на Шангајската листа е сериозен аларм и бара преземање итни чекори во три насоки. Прво, мултидисциплинарни истражувања по „нарачка.“ Ќе формираме тимови на УКИМ, кои ќе работат на најактуелните светски теми, со обезбеден пристап до соодветни лаборатории и бази на податоци, со цел објавување во списанија со висок импакт-фактор.

Второ, мобилизирање на дијаспората. Ќе ги вмрежиме нашите најуспешни научници од странство со домашниот кадар за заеднички проекти и трудови, користејќи ја нивната афилијација за подигнување на рејтингот на УКИМ.

Трето, ќе се обидеме да ја донесеме светската научна елита на УКИМ. Наменски донации и фондови ќе се употребат за гостувања на нобеловци и врвни светски умови, кои ќе одржат циклуси предавања, со што УКИМ ќе стане препознатлива точка на светската научна мапа.

ВЛЕЗ ВО 21 ВЕК НЕ САМО СО ЗБОРОВИ, ТУКУ И СО АЛАТКИ 

ФОКУС: Каква визија имате за модернизација на наставата. Дали сметате дека дигитализацијата е на потребно ниво за да може да дава целосни ефекти и во процесот на едукација. Колку далеку сме отидени во истражувачкиот дел, затоа што, знаете, без истражување – нема наука, а без наука – нема универзитет. Каква конкретна мерка ќе преземете за да има видлив прогрес во квалитетот на образованието на студентите?

ДАНЕВ: Визијата е едноставна: УКИМ конечно мора да влезе во 21 век, не само на зборови, туку и со алатки. Мојата идеја (наведена во програмата) „Од шалтер до партнер“ ќе ја заврши дигитализацијата на администрацијата, но вистинската модернизација е во училниците. Недозволиво е смарт таблите да бидат реткост на нашите факултети, а во исто време да зборуваме за примена на вештачката интелигенција во процесот на настава.

Првата мерка е воведување дигитални „смарт“ табли и комплетно опремување на лабораториите на факултетите. Истражувачкиот дел ќе го засилиме преку централизирана дигитална база на сите универзитетски изданија и претплата на клучните светски научни бази, што сега ни недостасува (односно не е функционално, иако постои). Без истражување нема наука, а за истражување ни требаат современи алатки, а не изговори дека државата е виновна. УКИМ има капацитет сам да ги обезбеди овие услови преку паметно управување и партнерства со бизнисот.

 

ФОКУС: Над три илјади македонски студенти, според последните податоци, студираат само во Словенија. Илјадници се образоваат и се усовршуваат надвор од границите на земјава. Како да мотивирате еден добар дел од нив истото да го прават кај нас. Или, уште поконкретно, како да ги мотивирате – своето знаење стекнато надвор да го применуваат кај нас?

 

ДАНЕВ: Новиот предлог-закон за високо образование предвидува можност за младите што се едуцирале на најпрестижните универзитети во светот директно да се вработат на македонските универзитети доколку го сакаат тоа. Ако нашите млади излегуваат само поради стекнување европски дипломи, тогаш наша работа е таквата диплома да им ја обезбедиме дома. Тоа се прави така што УКИМ ќе отвори повеќе студиски програми со двојни дипломи на кои, покрај нашиот печат, ќе стои и печатот на реномиран европски универзитет. Мора да ја засилиме и да ја направиме потранспарентна мобилноста преку Еразмус програмата, овозможувајќи им на студентите да поминат семестар во странство без трошоци, но со обврска тоа знаење да го вратат овде. За оние, пак, што веќе заминале, планот е да создадеме центри на извонредност и Научно-технолошки парк. Простор, каде што нашиот научник од Европа или од САД ќе може да отвори свој „спин-оф“ бизнис или лабораторија поддржана од Универзитетот. Наместо да ги тераме физички да се вратат веднаш, ќе им понудиме дигитална и академска афилијација. Да бидат ментори на наши докторанди и да водат заеднички проекти од далечина. Кога ќе видат дека на УКИМ знаењето се вреднува и се монетизира преку патенти, се надевам дека тие самите ќе го побараат патот назад. Целта е да ги вмрежиме во глобален македонски научен систем, каде што УКИМ е центарот.

Интервјуто е објавено на 16 април 2026во неделникот „Фокус“,  во бројот 1.593 

Слични вести