Разговараше:
Зоран ФИДАНОСКИ
ФОКУС: Што Ве мотивираше за повторно да се кандидирате за позицијата ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и зошто сметате дека заслужувате шанса да бидете реизбрана?
АНГЕЛОВА: Мотивот за оваа кандидатура произлегува од моето досегашно искуство, визија и посветеноста на реализација на целите што се постигнаа во мандатот што го добив. Резултатите и постигнувањата во мојот претходен мандат, како и предизвиците пред кои сме исправени, се клучните причини за оваа кандидатура. Во изминатиот мандат, со посветена работа се постигнаа многу резултати, но овде ќе издвојам неколку, кои ги сметам за важни: УКИМ доби двојно повисоки плати; се реши речиси дводеценискиот проблем со спортската сала на УКИМ; тројно го зголемивме бројот на меѓународни проекти за две години; отворив Проектна канцеларија за поддршка на апликации за меѓународни проекти и во моментов се работи на 107 активни меѓународни проекти; се зголеми бројот на странски студенти од 27 во академската 2023/24 на 520 во академската 2025/26, благодарение на повеќе акредитирани странски програми на англиски јазик; се зголеми бројот на студентски и академски мобилности; УКИМ стана дел од Европската алијанса на универзитети ACROSS EU во конзорциум, со уште 9 други реномирани европски универзитети и сега сме во семејство од 63 универзитетски алијанси кои се под „капата“ на Европската комисија; комплетно сме подготвени за издавање електронски индекс; креирано е ново решение за Репозиториумот на трудови.
За првпат се воведе структура за квалитет на УКИМ, целосно усогласена со стандардите на Европската агенција за квалитет во високото образование, така што квалитетот на наставата се мониторира и се мери според 56 индикатори; првпат УКИМ се најде на европската листа на QS сервисот за универзитетски рангирања, кој се смета за најрелевантен во Европа; првпат минатата година се најдовме и на THE (Time Higher Education) листата за рангирање; формиравме Комуникациски центар на УКИМ за да ја зголемиме видливоста и транспарентноста; се отворија три нови лекторати по македонски јазик во Тирана, Неапол и Нитра; го отпочнав процесот на HR excellence in research award – признание и лого за извонредност за човечките ресурси на УКИМ во истражувањето; секоја година стипендираме над 150 средношколци што се запишуваат на УКИМ; издадовме 50 нови електронски учебници и учебни помагала; се отвори Центар за одржлив развој на УКИМ, кој во соработка со постојната мисија на ОН во Македонија активно работи на постигнување на целите за одржлив развој и формиран е Центар за интелектуална сопственост на УКИМ со цел да се артикулираат односите меѓу Универзитетот и истражувачите од развој на иновации до нивна комерцијализација и поддршка за формирање старт-ап компании.
ФОКУС: Што сметате за свој најголем успех како ректор во мандатот што сѐ уште Ви трае?
АНГЕЛОВА: За свое најголемо достигнување ја сметам интернационализацијата, дигитализацијата на УКИМ и воспоставувањето на системот за квалитет. По три последователни кандидатури во кои УКИМ доби „Seal of excellence“, а во 2025 година стана дел од европските универзитетски алијанси и го доби предзнакот „Е“ – Европска алијанса, која е денес под директна поддршка од страна на Европската комисија. Дигитализацијата е во завршна фаза и системот за квалитет е за првпат воспоставен и функционира на сите единици на УКИМ.
ИНТЕРНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ
ФОКУС: Што планирате да Ви биде фокус во следниот тригодишен период доколку ја освоите довербата?
АНГЕЛОВА: Програмата се темели на поврзување на досегашните стратешки достигнувања на Универзитетот со нова развојна ориентација усогласена со европскиот модел на управување во високото образование, кој ги обединува трите мисии – образованието, науката и придонесот кон заедницата во единствен, одговорен и транспарентен систем. Фокусот во следниот мандатен период ќе биде ставен на унапредување на интернационализацијата, која носи многукратни бенефити за Универзитетот – од трансфер на знаење, вмрежување и споделување искуства, финансиски приходи, поголема видливост и можност за истражувања со резултати, кои може да бидат публикувани во реномирани публикациски бази на WoS и Scopus.
Ова ќе рефлектира и зголемување на меѓународната видливост и препознатливост на УКИМ, во рамките на глобалните сервиси за рангирање, европските универзитетски алијанси и глобалните мрежи. Во делот на науката ќе се поддржува поголема истражувачка извонредност преку поддршка за формирање нови иновациски хабови, живи лаборатории, агро-хабови и уште поголемо учество во национални и европски проекти. Планирам модернизација на образовниот процес со примена на најновите научни знаења во наставата, поврзување со потребите на реалниот сектор и примена на алатки на вештачката интелигенција.
Во свет што се дигитализира и со сѐ поголемиот продор на вештачката интелигенција ќе ги продолжам процесите на дигитализација. Со оглед на тоа дека процесот на дигитализација е во завршна фаза, трансформацијата ќе продолжи во дигитализирање на процесите, document management system и примена на вештачка интелигенција за операционализација на дел од процесите.
ФОКУС: Дали УКИМ има доволно автономија, која е уставно загарантирана, од политиката во своето дејствување. И што би направиле таа да се засили?
АНГЕЛОВА: Aвтономијата е уставнозагарантирано право на Универзитетот и се манифестира со односот на институциите на државата кон универзитетот. Во постојната состојба, УКИМ има целосна функционална автономија. Финансиската автономија, во последниве две години е на задоволително ниво, со оглед на тоа што УКИМ ги добива финансиските планови речиси во целост усогласени со бараните буџети на сите сметки, така што реализацијата на расходите за функционирање на универзитетот се остварува практично во целост и без тешкотии. Останува предизвикот да се регулира кадровската автономија, од аспект на вработување нови кадри на местото на пензионираните.
ФОКУС: Универзитетот, според последните рангирања во светски рамки, и не ни влегува на престижната Шангајска листа, а според други оценувања не е ниту меѓу првите две илјади. За разлика од Србија, Хрватска, Бугарија или Грција, кои имаат повеќе универзитети подобро пласирани од УКИМ. Што најитно би направиле, еве да речеме барем три чекори, што повторно ќе го направат Универзитетот компетитивен?
АНГЕЛОВА: За да се најдеме на Шангајската листа најпрво треба да ја зголемиме публицистичката дејност. Нашите анализи покажуваат дека објавувањето трудови на базите на Web Of Science треба да ги зголемиме тројно. За таа цел ќе продолжиме да субвенционираме трудови објавени на базите на Clarivate Analytics. Следниот чекор ќе биде да се направат дополнителни анализи, кои ќе ги правиме со администрацијата на Шангајската листа и од тоа ќе зависат сите следни чекори.
НАСТАВА ОД ТЕОРЕТСКО КОН ИНТЕРАКТИВНО УЧЕЊЕ
ФОКУС: Каква визија имате за модернизација на наставата. Дали сметате дека дигитализацијата е на потребно ниво за да може да дава целосни ефекти и во процесот на едукација. Колку далеку сме отидени во истражувачкиот дел, затоа што, знаете, без истражување – нема наука, а без наука – нема универзитет. Каква конкретна мерка ќе преземете за да има видлив прогрес во квалитетот на образованието на студентите?
АНГЕЛОВА: Мојата визија за модернизација на наставата тргнува од една јасна појдовна точка дека современо образование не значи само технологија, туку поинаков начин на учење, истражување и критичко размислување. Наставата мора да се помести од класичниот, претежно теоретски модел кон интерактивно учење, учење на база на решавање на проблеми и примена на интердисциплинарен пристап.
Студентите не треба да бидат пасивни приматели на информации, туку активни учесници со анализи, истражувања, презентации и тимска работа. Тоа бара континуирана обука на наставниот кадар и јасни критериуми за квалитет во наставата, а не формално исполнување програми.
Дигитализацијата кај нас постои, но не е на ниво што дава целосни ефекти. Имаме платформи, имаме опрема, но сè уште немаме единствен, функционален дигитален екосистем, квалитетни дигитални наставни содржини и јасни стандарди за онлајн и хибридна настава. Мојата визија е дигитализацијата да биде средство за персонализирано учење, подобра комуникација меѓу студентите и наставниците,
полесен пристап до научни бази, симулации и лабораториски алатки.
И конечно, без истражување нема наука, а без наука нема квалитетно високо образование. За жал, истражувачкиот сегмент кај нас е недоволно финансиран, преоптоварен со администрација и слабо поврзан со меѓународни мрежи и индустријата.
Тоа мора да се смени ако сакаме напредок. Универзитетот мора да стане центар на знаење, а не само место за предавања. Клучна мерка што би ја презелa е воведување младинско истражување со задолжително учество на студентите во истражувачки или практични проекти, поврзување на факултетите со компании, институции и меѓународни проекти.
ФОКУС: Над три илјади македонски студенти, според последните податоци, студираат само во Словенија. Илјадници се образоваат и се усовршуваат надвор од границите на земјава. Како да мотивирате еден добар дел од нив истото да го прават кај нас. Или, уште поконкретно, како да ги мотивирате – своето знаење стекнато надвор да го применуваат кај нас?
АНГЕЛОВА: Прашањето за одливот на млади и образовани луѓе е едно од клучните развојни прашања за државата и мора да се третира системски, реално и долгорочно. Најнапред, мора да признаеме дека младите не си заминуваат само поради подобро образование, туку поради подобри услови за работа, напредување и живот. Затоа, мотивацијата тие да студираат и да се враќаат дома не може да се гради со апели, туку со конкретни политики и јасна визија.
Како прво, мора да се вложи во поквалитетно и модерно образование дома. Ако сакаме повеќе млади да изберат да студираат тука, мора да вложиме во универзитетите: современи наставни програми, практична настава, соработка со странски универзитети, заеднички дипломи и истражувачки проекти. Кога студентот ќе знае дека може да добие квалитетно и конкурентно образование и во Македонија, одлуката да остане е многу пореална. Многу е важно да се воспостави јасна врска меѓу образованието и пазарот на труд. Младите што студираат во странство гледаат перспектива по дипломирањето. Кај нас мора да ја зајакнеме таа врска: платени практикантства, програми за прво вработување, поддршка за стартапи и истражувачки центри.
Потребни се и активни програми за „враќање на знаењето.“ За оние што веќе се образовале надвор, потребни се специјални програми: даночни олеснувања и грантови за млади професионалци што се враќаат, транспарентни конкурси во јавните институции и универзитетите, вклучување на дијаспората како предавачи, ментори и истражувачи, дури и ако не се вратат веднаш физички.
И не помалку важно е функционални институции и чувствo за правичност. Ништо не демотивира повеќе од чувството дека успехот не зависи од знаењето и трудот. Ако младите гледаат непотизам, партизација и затворени врати, тие нема да се вратат – без разлика на платата. Затоа, владеењето на правото и мерит системот се клучна „реформа за враќање на мозоци.“ И на крај, чувството дека тука се потребни. Мора да им покажеме дека нивното знаење стекнато надвор е добредојдено и ценето, дека можат да бидат двигатели на промените, а не само пасивни набљудувачи.
Интервјуто е објавено на 16 април 2026во неделникот „Фокус“, во бројот 1.593