(ВИДЕО) Една година изневерени очекувања – Репортажа од Кочани

by irena 13:17
13:17

Поминаа 365 дена од најголемата човечка трагедија во самостојна Македонија – пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Точно 365 утра на непребол и исто толку вечери на тага и болка која ќе „гори“ кај родителите на оние што трагично загинаа таа кобна ноќ на 16 март минатата година. Сите тие – 63, беа нечии деца.

Многумина знаат да кажат – “времето лечи се“. Но, како што вели претседателот на здружението „16 март“ Александар Наунов, кој ја загуби својата ќерка во страшната трагедија – како поминува времето болката станува уште посилна и поголема. Тој е еден од ретките кој зборува пред медиумите за се што им лежи на душата на семејствата на загинатите.

„Фокус“ во деновите на голема тага го посети Кочани со намера да ги пренесе вистинските чувства на родителите на загинатите, на роднините, пријателите, на семејствата или на оние што беа повредени во страшниот пожар – а такви беа 218.

Најголемиот дел од родителите на починатите од нив не сакаа да зборуваат јавно пред камера или микрофон и побараа да бидат оставени во својата тага. Оние кои беа подготвени да споделат свое мислење со новинарите, открија дека имаат изневерени очекувања и дека преку глава им е од ветувања кои не е се само што не се реализирани, туку нема најава дека ќе ги има во догледно време.

Дури, велат – и просторот околу вечните почивалишта кој им беше ветен дека експресно ќе биде среден – сами со сопствени сили и средства си го уредуваат. Воопшто не станува збор за реализација на она што го запишаа како серија барања што очекуваат дека ќе им биде реализирани од државата. Шест месеци, велат, чекаа некој да им организира комеморативна седница – и дочекаа, на истата во Собранието, да не се спомене ниту едно име.

Иако, нема утеха за огромната загуба, родителите се надеваат дека барем правдата ќе биде задоволена – во транспаретна судска постапка во разумен рок целосно да се расветли трагедијата и да има одговорност за сите кои го дозволиле тоа. За другото како што се системски промени во општеството кои ќе спречат да дојде до идни слични трагедии, но и финансиска и институционална помош за семејствата на загинатите и повредените, немаат оптимизам дека ќе бидат некогаш реализирани во адекватна мерка.

И, градот, ако може така да се каже, функционираше во „ритамот“ на одбележувањето на трагичниот датум. Опсадата од медиуми – домашни и странски, присуството на јавни личности кои сакаат да присуствуваат на некој од настаните поврзани со трагедијата, евидетно создава ефект на „брана“ кај кочанчани.

Многумина не сакаа да зборуваат јавно, иако се срдечни во неформален разговор. Сочувствуваат со своите сограѓани кои се страшно погодени и колку што можат да им го олеснат секојдневието.

Такво нешто во целата измината година го прави и „Сапорт Кочани“ – од првиот ден по трагедијата, до денеска во континуитет помага на засегнатите. Веќе извесен период таму течат и психолошки советувања за секој што ќе почувствува потреба, особено за најмладите. Нивното седиште е постојано свртувалиште за нив – честопати и само за дружење.

Текст: Зоран Фиданоски

Видео: Орце Костов

Фотографија: Томислав Георгиев

 

 

Слични вести