Друштвото „Мурана Компани“ во сопственост на Ракип Алии, кој е близок роднина на тетовскиот градоначалник и лидер на Беса Биљал Касами (Алии е сопственик и на луксузното BMW со кое Касами се појави на лидерската средба во Клубот на пратеници), бил донатор на Општина Тетово заедно со градежна компанија, која го изготвува новиот урбанистички план за просторот кај „ШИК Јелак“.

Имено, во текот на 2023 година, Општината на чело со Касами донела одлука за прифаќање на донација од страна на компанијата на неговиот вујко Алии, како и од уште една фирма – „Про Инженеринг“. Во општинскиот Службен гласник број 12 стои дека Советот на Општината на 14.07.2023 година донел одлука за прифаќање на донацијата на овие субјекти.

Всушност, таа се однесува на изградба на бунар за вода за пиење во тетовското село Фалиште, чија вкупна вредност е 1.920.000 денари. Практично, Советот со кој претседавал Бесар Дурмиши од Беса, кој по политичките промени стана владин министер за економија, го овластил градоначалникот Касами да склучи договор со давателот на донацијата, за да се регулира намената и начинот на користење.
Притоа, интересен е фактот што втората компанија-донатор т.е. „Про Инженеринг“ ја изработува урбанистичката документација за новиот план за делот во Тетово каде е лоциран некогашниот комбинат „ШИК Јелак“, чиј имот во значителна мера го поседува контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ–Дака, кој се најде на „црна листа“ на САД поради шверц и перење пари.
За потсетување, непосредно по формирањето на старо-новата Влада на СДСМ и ДУИ во 2020 година, тогашната локална власт во Тетово предводена од ДУИ, која имаше мнозинство во општинскиот совет и од нејзини редови доаѓаше градоначалничката Теута Арифи, донесе урбанистички план за просторот кај „ШИК Јелак“, кој предвидуваше изградба 4 трговски центри, од кои еден огромен, како и 27 седумкатници.
Арно ама, набргу откако Касами победи на локалните избори во 2021 година, по што мнозинството во општинскиот совет го презеде Беса, Советот донесе одлука да го суспендира овој ДУП, по што започна постапка за носење на нов ревидиран план за истиот простор. Поточно, тетовскиот Совет во 2022 година носи одлука за суспензија на овој ДУП за Урбан блок 57 (57 а).
Во следниот период, пак, Советот носи неколку одлуки за делумна суспензија на планот, во делот каде земјиштето е во државна сопственост. Арно ама, 4 години по првата суспензија, се уште не е донесен нов ДУП, иако Законот за урбанистичко планирање предвидува тоа да се направи во рок од 6 месеци или една година, зависно од тоа дали суспензијата е целосна или делумна.
Иако уште лани во декември побаравме одговор од О. Тетово каква е фактичката состојба и следните чекори во однос на овој урбанистички план, до ден денес не добивме никаков одговор, без оглед на нашето инсистирање. Она што може да се види од јавно достапните информации е дека во изминатиот период биле донесени Планска програма за изработка на дел од ДУП за 57 (57а) и Нацрт ДУП за дел од Блок 57 (57а). К.О. Тетово 1.
Во Планската програма објавена во април 2023 година, чиј изработувач е споменатата „Про Инженеринг“, се наведува дека предмет на ДУП-от е да се создадат „реални услови за уредување и користење на просторот на предметните катастарски парцели…“. Исто така, се предвидуваат и „поголеми површини за јавна употреба паркови и зеленило заради планирање на похумано живеење во рамките на планскиот опфат“.
Врз основа на оваа Програма, во јули 2023 година се носи Нацрт-план за дел од Блок 57 (57 а), кој повторно, по нарачка на О. Тетово, го изработила „Про Инженеринг“. Во текстуалниот дел стои дека целта на ДУП-от е да се создадат услови за просторен развој, при што ќе се создадат услови за осовременување на условите за живот преку изградба на нови станбени, комерцијални и деловни објекти, како и зелени површини од рекреативен карактер.
Понатаму, во него се истакнува дека во рамките на опфатот формирани се 36 градежни парцели, со тоа што максималната површина за градење на ниво на плански опфат е 219.108 квадратни метри или: А-Домување = 157.406 квадрати; Б-Комерцијални и деловни намени = 60.251 квадрати; В-Јавни дејности и функции = 1.315 квадрати; Е-Инфраструктури = 135 квадрати.
Кога ќе се направи споредба меѓу стариот суспендиран план и новиот нацрт-план, може да се заклучи дека во нацртот, во средина на просторот, на место на 2 станбени објекти е вцртан објект со намена Д3 или спорт и рекреација на зелени површини, а се предвидува и изградба на училиште. Најмногу, или 40 отсто, ќе биде домување во станбени згради, 21 отсто ќе бидат деловни згради итн.

Се на се, вкупната површина под градба на ниво на блок изнесува 24.676 квадратни метри, а бруто-максималната развиена површина на ниво на блок изнесува 171.603 квадрати. Како и да е, 4 години после првата суспензија се уште не е доставен ваков или поинаков предлог-план пред тетовскиот Совет, кој по изгласувањето би стапил на сила и би го заменил укинатиот план.

Инаку, освен тоа што го изработува овој ДУП, „Про Инженеринг“ гради згради во Тетово, така што, меѓу другото, се јавува и како изведувач на станбен објект каде како инвеститор се јавува друштвото „Еластан“, која стекна право да гради 4 згради на просторот кај „Тетово Табак“ откако беше извршена трансформација на земјиштето во градежно.
Влатко СТОЈАНОВСКИ