Отворивме постапки по актуелните два предмети што беа потенцирани од СДСМ во однос на набавките на наводна фирма блиска до власта дека добила тендер во вредност од 9 милиони евра и исто така постапките за јавни набавки за наводно фирма блиска до директорот на СОЗР, вели за Трилинг првиот антикорупционер Адем Чучуљ.
Прашан дали конечна ДКСК ќе покаже „заби“ и ќе се спротивстави на центрите на моќ, првиот антикорупционер вели дека Комисијата постапува и ќе постапува неселективно.
-Ние сме пред сѐ превентивен орган, имаме механизми на располагање кои се од аспект на превенција на корупцијата и доколку утврдиме сомневања за евентуални злоупотреби, нашето е да проследиме до други надлежни органи, коишто понатаму имаат механизми да ги истражат тие случаи – рече тој.
Една од нашите први активности, додаде тој, беше донесувањето на планот за испитување на имотната состојба за 2026 година.
-Иимајќи ги во вид критиките на ЕК го зголемивме бројот на лица кои ќе бидат предмет на проверка. Предмет на проверка ќе бидат најразлични категории на функционери и висок профил на функционери – рече Чучуљ.
Прашан кои се тие функционери, Чучуљ вели дека тоа се оние кои се детектирани од Националната стратегија, односно со анализата на ризици од корупција, односно области кои се ризични за корупција.
-Предмет на проверка ќе бидат 10 судии, 10 јавни обвинители, градоначалниците, дел на оние што се реизбрани, 10 што им завршил мандатот, 10 пратеници и 10 министри од актуелниот состав на Владата – вели претседателот на ДКСК.