Касами потврди дека го позајмил луксузното BMW од роднина, службеното возило од Беса не му било на располагање!

Возилото е во сопственост на роднина на Касами и било позајмено од тимот кој што го организира транспортот на претседателот. Вистина е дека тој не користи службено возило од општината. Но, и да користеше, на состанокот присуствуваше како претседател на Беса и претставник на ВЛЕН, а службеното возило од Беса привремено не му беше на располагање, ни изјавија од Беса, потврдувајќи ја информацијата на „Фокус“ дека луксузното BMW со кое се појави Касами е во сопственост на негов роднина, без да се осврнат на аспектот дека тој е бизнисмен.

by vlatko 18:52
18:52

Од политичката партија Беса, која е дел од владејачката коалиција ВЛЕН, потврдија дека луксузното возило марка BMW со кое партискиот лидер и тетовски градоначалник Биљал Касами се појави на завчерашната лидерска средба, е во сопственост на негов роднина, но, сепак, не го открија неговиот идентитет.

Како што веќе објави „Фокус“, возилото BMW со тетовски регистарски таблички во вредност од над 100 илјади евра, со кое Касами дојде во Клубот на пратеници, е во сопственост на негов близок роднина со инцијали Р.А, кој воедно поседува компанија за бетонски елементи со седиште во Желино.

Во меѓувреме, до Општина Тетово упативме неколку прашања: Дали BMW-то е во сопственост на Р.А., сопственик на приватна компанија; Дали градоначалникот Касами и сопственикот на фирмата се во роднинска врска; Со каков договор и под кои услови Касами го позајмил и го користи ова возило; Со какво службено возило располага градоначалникот Касами…?

„Во врска со прашањата што се однесуваат на возилото со кое Биљал Касами присуствуваше на лидерската средба, Ве упатуваме да се обратите до Службата за информирање на политичката партија Беса. Дополнително, Ве информираме дека градоначалникот Касами не користи службено возило, туку возило во приватна сопственост“, гласи кусиот одговор што го добивме од О. Тетово.

Воедно, се обративме и до Беса, каде ги упативме истите прашања, плус побаравме објаснување дали Касами користи службено возило, со оглед дека од неговата општина велат дека користи „возило во приватна сопственост“, додека вчера во негова изјава што ја пренесе СДК, меѓу другото, се наведува дека користел позајмен автомобил привремено, бидејќи „службениот автомобил моментално е на поправка“.

„Возилото е сопственост на роднина на г. Касами и било позајмено од тимот кој што го организира транспортот на претседателот. Вистина е дека претседателот Касами не користи службено возило од општината, но и да користеше, на состанокот присуствуваше како претседател на Беса и претставник на ВЛЕН, а службеното возило од Беса, како што објаснивме, привремено не му беше на располагање.

Ние веќе разјаснивме дека тоа возило не е сопственост на г. Касами, дека имотот на г. Касами е редовно пријавен во надлежните институции и јавно достапен за јавноста. Со тоа, сметаме дека оваа тема, со сите детали кои што се предмет на јавен интерес, е веќе исцрпена. Се друго е обид за сензационализиам кој не и служи на јавната дебата“, ни одговорија од Беса.

Инаку, во анкетниот лист до Антикорупциската комисија, Касами пријавил дека поседува возило марка Мерцедес, произведено во 2007 година, кое го стекнал по пат на купопродажба во 2017 година, кога возилото имало вредност од 800 илјади денари или 13 илјади евра. Но, тој деновиве привлече големо внимание откако во јавноста се појави со BMW, кое вреди 10 пати повеќе од неговото лично возило.

Според информациите до кои дојде „Фокус“, посоченото BMW е во сопственост на лице со иницијали Р.А, кој е му е роднина на Касами или поточно – негов вујко. Всушност, кога ќе се погледне регистарската табличка на возилото, фатена од страна на телевизиските камери, на крајот може да се забележат буквите РА, кои одговараат токму на иницијалите на споменатиот роднина на Касами.

Имено, станува збор за сопственик на приватна компанија основана уште во 1998 година со седиште во Желино, чија основна дејност гласи „завршни градежни работи“. Од официјалната интернет-страна на оваа фирма во чиј назив се сретнува терминот „Мурана“, пак, може да се види дека таа работи со производство на бетонски елементи и отворање на бунари. Патем, соработувала и со јавни органи по пат на договори за јавни набавка.

Ако се погледнат финансиските извештаи на друштвото, тогаш се доаѓа до заклучок дека тоа бележи постојан раст во последните неколку години, така што ако приходите во 2023 година изнесувале над 35 милиони денари, тогаш приходите во 2024 година надминале 51 милион денари, додека добивката се зголемила од 2 милиони денари во 2023 на 12 милиони денари во 2024 година.

Исто така, прашања по официјален пат упативме и до компанијата, од каде, покрај останатото, побаравме одговор дали ова друштво соработувало со Општина Тетово како изведувач избран по пат на тендерска постапка, но и дали било ангажирано како подизведувач од страна на избран изведувач кој склучил договор за јавна набавка со О.Тетово? Досега, одговори не добивме!

Луксузното BMW со кое се појави Касами е во сопственост на негов роднина и бизнисмен!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести