Феноменалниот Словенец Домен Превц ја освои новогодишната турнеја „Четири скокалници“ (видео)

by jadranka 19:53
19:53

Словенечкиот ски-скокач Домен Превц е победник на 74. издание на новогодишната турнеја Четири скокалници. Словенецот беше втор на последното натпреварување во Бишофсхофен и на доминантен начин, со две победи на турнејата, стигна до трофејот.

На второто место во пласманот на турнејата се пласираше Австриецот Јан Херл, додека третото место му припадна на друг Австриец, Штефан Ембахер.

Домен Превц собра вкупно 1.195,6 поени во четирите натпреварувања, надминувајќи го второпласираниот Херл за 42,3 поени. Третото место го освои 19-годишниот Ембахер, кој заостануваше 45 поени зад победникот.

Домен со тоа го повтори успехот на својот постар брат Петер, кој беше вкупен победник на Четирите скокалници и го освои Златниот орел пред точно десет години.

Инаку, Домен е третиот Словенец по Примож Петерка (1996/1997) и Петер Превц (2015/2016) кој ја освоил новогодишната турнеја Четири скокалници.

Што се однесува до денешното натпреварување, Австриецот Даниел Чофениг славеше со скокови од 137 и 140,5 метри и вкупно 303,9 поени. Превц беше втор (138, 138,5 м) и 299,8 поени, додека третопласираниот Јапонец Јоју Кобајаши (137, 138 м) освои 299,6 поени.

Турнејата ја одбележа и дисквалификацијата на сонародникот на Превц, Тими Зајц, кој на првата скокалница во Оберсдорф беше на делба на второто место, но беше дисквалификуван оти оделото му беше за 3 милиметри пократко од дозволенето. Истото му се случи и на наредната скокалница во Гармиш-Партенкирхен, каде при мерењето беше констатирано дека неговото одело е за 4 милиметри пократко. Согласно правилата, за две дисквалификации доби црвен картон и исклучување од турнејата.

Во генералниот пласман, Словенецот има 1.210 поени, додека второпласиран е Кобајаши со 822 поена.

Слични вести