Огромна трагедија го погоди швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана на новогодишната ноќ, кога пожар во популарен бар уби околу 40 лица, а околу стотина беа повредени. Според потврдени информации, пожарот избувнал околу 13:30 часот вечерва, а се сомнева дека е предизвикан од пиротехнички средства.
Еден од сведоците, 19-годишниот Мелко, рече дека пиротехнички средства поставени на шишиња со пијалоци го запалиле таванот на барот, што се совпаѓа со сведоштвата на други очевидци, пишува N1. Пожарот се проширил со неверојатна брзина, предизвикувајќи паника кај стотици посетители во подрумот на барот.
Според сведоштвата, пламенот стигнал до таванот за само неколку секунди, по што се случило стампедо кон излезот. Бидејќи главниот дел од барот се наоѓа во подрумот, до кој се стигнува преку скали, евакуацијата била тешка. Официјалната истрага за причината за пожарот сè уште е во тек.
Италијанското Министерство за надворешни работи повикувајќи се на локалните власти во Швајцарија соопшти дека најмалку 40 лица загинале, додека околу 100 лица се повредени.
Швајцарските власти сè уште не го потврдија точниот број на смртни случаи. На прес-конференција, шефот на полицијата зборуваше за неколку десетици мртви.