Беџети: Факт е дека пензискиот фонд е огромен терет

by vlatko 22:32
22:32

Оваа година стигнавме до околу милијарда евра трансфер од централниот буџет до Фондот за ПИОМ заради навремена исплата на пензиите коешто е резултат на линеарното зголемување на пензиите досега. Линеарното зголемување не би требало да продолжи, би требало да се врати во системското зголемување, односно индексирање, како што е регулирано во законите, изјави за „Трилинг“ академик Абдулменаф Беџети, кој е претседател на Фискалниот совет.

Околу предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање, Беџети вели дека своевремено се дадени два предлога.

-Едното беше постепено зголемување на старосната граница и тоа „клизаво“ – три месеци за една година, па во текот не четири години – една година. Тоа беше нашата идеја, значи не одеднаш да се зголеми на две или три години. Впрочем, така прават и сите земји членки на ЕУ. Второ, беше укажано да се нивелира, односно да се ревидира нагорното ревидирање на стапката за пензиско-инвалидско осигурување. Ние во минатото знаеме дека сме имале стапка дури и до 21,5%, во однос на сегашната која е 18,5% посто – вели Беџети.

Говорејќи за предупредувањата и стравувањата од опозицијата, како и на дел од економистите дека државната каса е празна и буџетот станува дупка без дно, Беџети вели дека не се реални стравувањата до таа мера, затоа што веќе една-две години влегуваме во фискална консолидација.

-Ако се сеќавате ние бевме на ниво на јавен долг на 62,4%, за да сега сме под 60%. Така што нема простор за таков страв и такво предвидување. Факт е дека пензискиот фонд е огромен терет, факт е дека тој не е одржлив и дека трендот е влошувачки, затоа што ако го гледаме односот помеѓу вработени и пензионери, а тој е 1,7 вработен кон еден пензионер, што значи недостижно е да се исплати таа пензија. Треба полека да се стигне до еден према два за да може Фондот да оди кон консолидација – рече тој.

Слични вести