Гасна комора

by irena 20:30
20:30

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

„Невозможно е да се живее во Лисиче, во Општина Аеродром, во Скопје. Ова не е магла, ова не е само загаден воздух, ова е гасна комора. Почитувани, добивме смртоносно загаден воздух. Црвениот аларм треба да се вклучи. Ова е геноцид врз населението во Скопје. Ова е реалноста, не е измислица. Никаде во Скопје нема услови за живеење.

Бараме владата, во координација со Град Скопје, да прогласи вонредна состојба. Сè поинаку од итна интервенција е намерна негрижа и намерно уништување на здравјето на граѓаните во Скопје и загрозување на иднината на Република Македонија“. 

Вака, пред неколку години, кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, нивниот портпарол Наум Стоилковски, редовно, во име на партијата држеше прес-конференции, спасувајќи ги жителите на главниот град од загадениот воздух. Ќе застанеше во некоја од општините, во темна црна магла, да не можеш и да го познаеш и ќе почнеше да ја рецитира наизуст научената песна.

И тоа сè беше така. Не дека излажал. За сè си беше во право човекот. Ама, дали е сега смртоносно загаден воздухот? Дали и сега го дели истото мислење како пред неколку години, иако реално ништо не е променето?

Но, разликата е тоа што сега кога дојдоа на власт, нема веќе ука бука, нема загаден воздух, сè е чисто и совршено. Вака е кога ќе ја загрееш фотелјата, па не можеш да се оделиш од неа. Додека беа во опозиција, секоја зима исто трубеа, но сега кога Белата палата ја запоседна Илинденска, нема повеќе геноцид и свесно труење на населението. Е, тоа се тие двојни аршини. Тешко на тој народ, кога никој не се замара со него.

Надвор е сè загадено и затруено, прст пред очи не се гледа, ама затоа на новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски тоа некако не му пречи. Само што седна на градоначалничката фотелја, веднаш ги засука ракавите за да го исчисти ѓубрето на Арсовска и се зафати со китење и организација на новогодишната прослава, „нели како што му доликува на Скопје“, оти во последниве години сме биле срам за светот.

И додека се китеа елки, се правеа пробни генерални проби, се тераа деца да отсуствуваат од настава за да учествуваат во китењето, па се направија сто прес-конференции како ќе биде украсено, кои ќе пеат вечерта на новогодишната ноќ, па дури како во американските божикни филмови, градоначалникот на Скопје ја осветли елката на плоштад. А бе циркуси.

И додека ние си играме светска метропола, граѓаните во Скопје се задушија. И што е најстрашно, никој не го интересира тоа. Народот е отруен, ама битно пропагандната машинерија работи турбо.

Статистиките покажуваат дека загадениот воздух на годишно ниво убива околу 2.800 жители во Северна Македонија, па, и покрај напредокот од 1990-тите, загадувањето на воздухот е сѐ уште високо, особено во зимските месеци.

Концентрацијата на ситни честички прашина во воздухот ПM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и можат трајно да го оштетат здравјето, во Скопје е 13 пати над препорачаните граници на Светската здравствена организација (СЗО).

Значи, тоа е толку страшно и опасно и народот умира токму од тоа. Освестете се и еднаш засекогаш најдете решение за овој проблем. Тоа е, па да се изразам со вашите зборови, како кога сте во опозиција – геноцид врз сопствениот народ.

Сите најпаметни се кога не се на власт, но сè забораваат кога убаво ќе се закотват на фотелјите. Тогаш, по автоматизам исчезнува загаденоста, а воздухот е „најчист“ и сè е совршено.

Па, дали сте свесни дека живееме како во гасна комора, дека ракот на белите дробови го достигна шампионското место, а дека луѓето умираат на секој чекор. Како на никој не му е жал дека свесно го труете сопствениот народ, тој истиот кој секој ден го лажете дека сте тука за него, дека работите за него, дека доаѓате на власт за негово добро.

Скопје урива рекорди по загаденост, а секојдневно се наоѓа на високото второ место. Убаво е да сме шампиони, ама не и по труење на сопствениот народ.

 

 

 

Слични вести