Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на денешната заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на која беше разгледан последниот извештај на Европската комисија за земјава, нагласи дека по 16 пат, овој извештај како и претходните не говори само за евалуираниот, туку говори и за евалуаторот. Според неа, ако има оценка или натпревар за политичка спремност, тогаш ние ќе бидеме шампиони во спроведувањето, резултатите ги гледаме.
– Ова не е време за реформи, за жал, бидејќи времето наликува на време за време на војна, или пред војна, и тоа не е време кога можат да се прават реформи. Но за мене, и претходно и сега ЕУ е уникатна политичка филозофија ја поддржуваат сите актери, јавноста на Балканот, ЕУ е перспектива, ЕУ е мотив за демократски реформи, Унијата стимулира реформи што водат до траен мир и стабилност. Сигурна сум дека нашата интегрираност во ЕУ ќе стави крај на феноменот балканизација, како феномен на постојано менување на границите, рече таа.
Таа потсети на некогашната изјава на поранешниот еврокомесар Оли Рен дека не сме проблем за апсорпциониот капацитет на Унијата. Посочи дека ЕУ не е невин играч во се што се случуваше, туку „немаше јасна стратегија, доцнеше на Балканот, побрзи понекогаш беа САД, не беше доследна во мировното здружување, па и денеска преферира двојни стандарди“.
-Извештајот има многу добри податоци и критики, што добро треба да се анализираат и да се постапи по нив, но исто така понекогаш оценките на Европската Унија во овие 16 извештаи во вордингот секогаш се раководат од некоја клучна цел, што е она што за ЕУ е најважно во моментот и за тоа го врзуваат и моментумот. Така е и во овој извештај. По 16 пати, овој извештај како и претходните не говори само за евалуираниот, туку говори и за евалуаторот. Ако има оценка или натпревар за политичка спремност, тогаш ние ќе бидеме шампиони во спроведувањето, резултатите ги гледаме, потенцира претседателката.
Таа истакна дека ЕУ понекогаш како да е опседната со важни моменти и датуми и сега слушаме дека ова е клучниот момент, повторно треба да се качиме на возот.
– Да, ова е важен момент, зошто? Заради тоа што сме соочени со нешто што е спротивно на основната идеја на ЕУ – ЕУ е мировен проект и се случува војна. И сега зборуваме за отпорност на трети влијанија, да, треба да бидеме отпорни, ама најотпорни ќе бидеме ако сме внатре во ЕУ. Она што мислам што не смее да се заборави се посебните критериуми за нас. Зошто ние толку долго го одиме овој маратон со пречки, зошто покрај Копенхагенските критериуми, ние добивме и дополнителни критериуми, но влеговме и во процес на Стабилизација и асоцијација. Кога зборувам за чуден вординг дека реформите се исплатат, и дека некои земји за година, две, три направиле квантни скокови во реформите, тоа не можам да го прифатам. Реформите се процес. Ако ние, кои влеговме во процес на Стабилизација и асоцијација, се уште не сме стигнале да бидеме реформирани, тогаш тоа зборува за нешто друго, зборува за филозофија на морков и стап, за терапевтско управување, за диригиран суверенитет, посочи Сиљановска Давкова.
Според неа, сите оценки не можат да се апстрахираат од едно основно барање, а тоа е барањето за уставни измени.
– И кога го оценувам овој момент не можам да тргнам само од оваа констатација дека годинава е најважна, туку најчесто извештајот е за период од три години. Во извештајот се вели дека нема исчекор или дека има ограничен исчекор или дека се потребни реформи. Мора еднаш прво да се ослободиме од вордингот дали има или нема политичка волја. Политичката волја е процес, таа се формира врз основа на анализа, врз основа на споредба за добрите и лошите страни и не може политичка волја да биде само нешто што оди на линија на она што е предвидено, рече Сиљановска Давкова.