Градски воз или лош пи-ар: Од Зелениково до Центар за 25 минути, исто како и досега

by irena 11:32
11:32

Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, министерот за транспорт и врски, Александар Николоски и премиерот Христијан Мицкоски се пофалија дека извршија увид во градежните работи на, како што објави Ѓорѓиевски „еден од најголемите инфраструктурни проекти за нашиот народ, кој за само половина година ќе биде целосно функционален“.

„Градскиот воз станува реалност – ветеното се реализира! Градскиот воз претставува нова, современа и еколошка алтернатива за движење низ метрополата. Со него, жителите од Драчево ќе стигнуваат до центарот на градот за само 11 минути, а од Зелениково за 25 минути – брзо, удобно и без застои. Ова ќе значи и почист воздух, емисијата на штетни гасови ќе се намали што позитивно ќе се одрази на животната средина и здравјето на сите нас “, напиша Орце Ѓорѓиевски притоа изразувајќи му најголема благодарност на премиерот Христијан Мицкоски кој за него е „човек кој како никој досега покажува што значи да се работи посветено, одговорно и искрено за својот народ “.

Но, нивните пиар тимови намерно или случајно испуштија неколку факти при информирањето на граѓаните.

Не се работи за изградба на нова пруга, туку за реконструкција на постоечката главна пруга на која се менуваат бетонски прагови и по која сега сообраќаат патнички и товарни возови од Скопје кон Велес, Прилеп, Битола, Градско и Гевгелија и обратно.

Во најавите за проектот Градски воз застанувањето на станици во населени места е претставено како новост, но горенаведените возови и досега застануваа на сите станици.

Локалниот воз од Велес за Скопје застанува на главната станица во Зелениково, потоа на мала станица Ново Зелениково, потоа на станицата Орешани, па на Јане Сандански, на Драчево и на станицата во Лисиче која е на 5-6 минути од главната железничка станица во Скопје.

Друг факт кој е претставен како научно достигнување е брзината на движење на возовите односно времето потребно да се стигне од станиците од Зелениково до Скопје.

Жителите на Зелениково и сега, со постоечките возови од Битола, Гевгелија и Велес кон Скопје стигнуваат со време од 23 до 25 минути во зависност од тоа кој воз сообраќа по распоред и дали чека во некоја од станиците да се размине со воз кој доаѓа од спротивен правец.

Возот од Скопје до Драчево или обратно, веќе со години сообраќа за 12 минути, а до Јане Сандански за 17 минути. Ова може да се провери на Возниот ред на МЖ Транспорт кој е важечки до 13 декември 2025 година.

„Градскиот воз станува реалност. Отпочна изградбата на првата линија од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Кисела Вода до Нова железничка станица “, објави министерот за транспорт Александар Николоски во видеото снимано со дрон за трасата која првично, според неговите ветувања требаше да биде готова пролетта 2025 година.

Но видеото е всушност дронска снимка од трасата Драчево – Илинден и станицата во Илинден низ која минуваат возовите од Скопје за граничниот премин Табановце преку Куманово.

„Ќе се воспостави синхронизација на возниот ред меѓу автобусите и возовите, со што патниците ќе добијат непречен, поврзан и ефикасен транспорт низ сите делови на градот. Ова е прва фаза од проектот, а во наредниот период ќе се довршат и останатите две од Ѓорче Петров и Миладиновци до центарот на градот “, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи по направениот увид.

Функционалноста на железнички сообраќај зависи и од локацијата на железничките станици. Според постоечката траса на која ќе минува тој Градски воз, речиси сите станици се далеку од населеното место и за да користат воз, граѓаните ќе мора да користат автомобил или автобус до железничката станица на која ќе чекаат воз за да дојдат до центарот на Скопје.

Ова е така затоа што поставеноста на железничка инфраструктура во моментов е наменета за меѓуградско поврзување а не за градско поврзување со воз.
Погрешна е информацијата дека ова е првиот Градски воз затоа што улогата на таков воз ја имал „локалот“ Скопје-Зелениково пред повеќе од 25 години кој го користеле вработени од неколку фабрики и работниците кои работеле во Македонски железници.

Орце Костов

Слични вести