На денешната прес-конференција одржана на 29 октомври, Марија Митева, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, постави серија од јавни и суштински прашања до градоначалникот на Општина Карпош во заминување, Стевче Јакимовски, барајќи итен и транспарентен одговор за неговиот имот и можните злоупотреби на функцијата.
Митева порача дека прашањата не се само политички, туку морални и институционални, бидејќи се однесуваат на довербата што граѓаните ја дале, а која, како што рече, очигледно е злоупотребена.
„Како е можно, за период од само една календарска година, градоначалникот Јакимовски и неговото семејство да станат сопственици на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош – Жданец, токму таму каде што и тој лично живее? Јавноста има право да знае од каде и со кои финансиски средства се обезбедени овие имоти во најскапата урбана зона на Скопје,“ истакна Митева.
Таа праша и како парцели што претходно биле означени како зеленило, по нивната купопродажба од страна на семејството Јакимовски, станале градежно земјиште, со веќе уцртана урбанистичка маркица.
„Дали за овие парцели е поднесено барање за техничка градежна документација? Доколку да – кој го поднел тоа барање, кога и до каде е постапката?“ додаде Митева.
Во своето обраќање, таа побара одговор и на прашањето дали е вистина дека семејството Јакимовски се стекнало и со вила во едно од туристичките места во Грција.
„Време е прашањата да добијат одговори. Време е да се утврди дали во Карпош владее јавен или приватен интерес и како се успева да се заработи толку за купување на сите овие недвижности што се напоменати претходно,“ изјави Митева.