Најмалку едно лице е убиено, а шест други се повредени во пукање на Универзитетот Линколн во Пенсилванија вчера вечерта за време на прославата по повод враќањето на студентите, потврдија официјални лица, објави CNN.
Пукањето се случило во близина на Меѓународниот културен центар на кампусот, каде што се одржувала прослава по попладневниот фудбалски натпревар. Вкупно седум лица биле застрелани. „Прославата била прекината и уништена од пукањето.
Беше хаотична сцена, со луѓе кои трчале во сите правци“, изјави окружниот обвинител на округот Честер, Кристофер де Барена-Саробе, на прес-конференција рано утрово. Тој додаде дека неколку други лица се повредени откако биле соборени и прегазени во стампедото додека луѓето се панично барале засолниште.
Службените лица не објавија детали за состојбата на шесте повредени, кои биле однесени во болници во соседниот Делавер. Мотивот за нападот сè уште не е познат, но де Барена-Саробе рече дека не изгледа дека станува збор за „некој што влегол со намера да предизвика широка штета на универзитетскиот кампус“.
Едно лице кое носело пиштол е приведено, но истражителите сè уште собираат информации. „Немаме многу одговори за тоа што точно се случило“, рече обвинителот, истакнувајќи дека можеби имало повеќе напаѓачи. Локалните, државните и федералните органи за спроведување на законот се вклучени во истрагата, а ФБИ ги повика сите што имаат информации за пукањето да се јават.
Шефот на универзитетската полиција, Марк Парти, изрази жалење за трагедијата што ја засени прославата на наследството на Универзитетот Линколн, првиот историски афроамерикански универзитет во Соединетите Држави што доделува дипломи.
Овој инцидент се случи само еден ден откако пет лица беа ранети во пукање во близина на кампусот на Универзитетот Хауард.