Левица: Мицкоски кукавички избега од пратенички прашања – ДПМНЕ се скри зад спотерите од ЗНАМ за да ја спаси власта

by irena 14:34
14:34

Партијата Левица упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски и владејачкото мнозинство, обвинувајќи ги дека намерно го попречиле одржувањето на денешната собраниска седница посветена на опозициските пратенички прашања.

Според Левица, седницата не се одржала бидејќи премиерот Мицкоски не се појавил во Собранието, иако, како што наведуваат од партијата, неговото присуство било предвидено со собранискиот Деловник.

Од партијата тврдат дека најавата на пратеничката Јована Мојсоска дека ќе поставува прашања до премиерот била доволна причина владејачкото мнозинство да преземе чекори со кои, според нив, било оневозможено одржувањето на седницата.

„Толку од ‘силниот лидер’ на ДПМНЕ – една најава за пратенички прашања од Јована Мојсоска беше доволна Мицкоски да исчезне од собраниските клупи, а неговите потрчковци од ЗНАМ да му организираат евакуација“, се наведува во реакцијата на Левица.

Од партијата посочуваат дека во ситуацијата се вклучиле и пратениците од коалицискиот партнер ЗНАМ. Според нивното објаснување, пратеник од оваа партија побарал пауза, со што било потрошено преостанатото време предвидено за опозициските пратенички прашања.

Левица смета дека ваквиот потег не бил случаен, туку претставувал обид да се избегне директно соочување на премиерот со прашањата на опозицијата.

Во реакцијата, од партијата го обвинуваат владејачкото мнозинство дека го злоупотребува собраниското работење за да ја ограничи можноста опозицијата да бара одговори од претставниците на извршната власт.

Според Левица, пратеничките прашања претставуваат еден од основните механизми преку кои Собранието ја контролира работата на Владата, а нивното неодржување, како што оценуваат, го нарушува демократскиот надзор врз извршната власт.

„Инструментот што треба да ја држи извршната власт под демократски надзор ДПМНЕ го претвори во заложник на коалициската математика. Наместо Собранието да ја контролира Владата, Владата преку своите послушници го контролира времето во кое смее да биде прашувана“, наведуваат од партијата.

Во продолжение на реакцијата, Левица обвинува дека владејачката коалиција настојува да го сведе парламентот на институција во која мнозинството ќе ги поддржува владините политики, без да овозможи суштинска расправа и одговорност пред опозициските пратеници.

„ДПМНЕ не сака парламентарна демократија, туку парламентарна кореографија каде пратениците ќе аплаудираат, министрите ќе се фалат, премиерот ќе проповеда, а опозицијата ќе молчи“, се наведува во партиското соопштение.

Од Левица порачуваат дека поседувањето парламентарно мнозинство не ја ослободува Владата од обврската да одговара на прашањата на пратениците и да биде подложна на институционална контрола.

„Власт што има мнозинство да изгласа што ќе посака, но нема храброст да ислуша што ќе ја прашаат, не е силна власт. Тоа е исплашена власт“, порачуваат од Левица.

Слични вести