„Паркови и зеленило“ добија плата, но колегите од „Флораком“ и „Луна“ остануваат без денар – за утре најавен нов протест

by irena 18:54
18:54

По денешниот заеднички протест на вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ и нивните фирми ќерки  „Флораком“ и „Луна“, дел од работниците конечно ја добија платата за август. Но, таа исплата се однесува само на вработените во матичното претпријатие, додека работниците во „Флораком“ и „Луна“ и натаму остануваат без плата, поради што за утре повторно најавуваат блокади.

Новата блокада ќе се одржи на булевар „Илинден“, кај поранешниот објект на Матичната служба, во периодот од 10:00 до 12:00 часот.

Претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, потсети на законската можност за солидарен штрајк и ги повика вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ утре повторно да им се приклучат на нивните колеги од фирмите ќерки.

„Факт е дека со овој начин на финансирање на  ’Паркови и зеленило’ не можат да се исплатат плати, додатоци на плати, за основно функционирање на претпријатието. Тоа планираме да го изработиме како документ во наредните две недели. Со оглед на тоа дека има локални избори на 19 октомври, планираме нашите предлози на 15 или 16 октомври да ги изнесеме во јавност и да побараме од идниот градоначалник, без разлика кој ќе биде, да го земе тоа предвид како начин за финансирање на ова претпријатие и на фирмите ’Флораком’ и ’Луна’“, додаде тој.

Независниот синдикат на „Паркови и зеленило“ најавија засилени активности. Според нивното соопштение, на 2 и 3 октомври, од 9:30 до 11:00 часот, ќе се блокира сообраќајот на крстосницата од булевар „Илинден“ со улицата „Никола Тесла“, а протестот ќе заврши пред дирекцијата на претпријатието ЈП „Паркови и зеленило“.

Состојбата во јавното претпријатие, според синдикатите, е алармантна и бара итна интервенција, не само за решавање на тековната криза, туку и за обезбедување долгорочна стабилност на платниот систем.

С.Т

Слични вести