Тошковски: Жителите во радиус од 150 метри на пожарот се известени да ги напуштат домовите во Трубарево

by valentina 23:56
23:56

Доцна вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оддржа прес конференција. Тој соопшти дека полицијата од куќа во куќа ги известува жителите во најризичната зона околу пожарот дека треба да се евакуираат.

-Припадници на МВР од куќа во куќа влегуваат и им кажуваат дека треба да ги напуштат. Најризичен периметар се на 150 метри од местото на пожарот. Веднаш се упативме кон домовите на луѓето. Министерството за здравство даде препораки за вакви кризни ситуации, изјави Тошковски.

Тој прецизираше дека на 150 метри од огништето е утврдено високо ниво на опасност.

-Од 150 до 200 метри е средно ниво на опасност. Од 200 до 400 метри е ниско ниво на опасност. Над 400 метри не се утврдени загадувања кои би биле штетни. Тоа се информациите кои ги добивме, додаде министерот.

Тој додаде дека се обезбедени 450 легла во Центарот за обука во Идризово за оние жители кои немаат каде привремено да се сместат.

Министерот потенцираше и дека Дирекцијата за радијациска сигурност утврдила дека нема радијациско зрачење, додека АБХО единицата на Министерството за одбрана констатирала дека во непосредна близина има висока концентрација на штетни супстанци на 150 метри од жариштето.

Додаде и дека во полициска станица се вршат разговори со три лица, сопственици или управители на предметниот објект.

-Оперативните активности за расчистување на настанот продолжуваат во координација со јавен обвинител, соопшти Тошковски.

Слични вести