Повеќекратно зголемување на казната што сега е предвидена во Законот за нефер трговски практики се планира од наредната година, соопшти денеска заменик-министерот за економија Марјан Ристески.
Во изјава за медиумите по работен состанок во Стопанската комора, Ристески ги охрабри да пријават во Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) сите што имаат сознанија за изигрување на законот.
-Имаме сознанија дека одредени маркети го почитуваат Законот за нефер трговски практики, но има и некои кои во одреден дел не го почитуваат. Сакам да ги охрабрам сите добавувачи, производители, сите што имаат договори со трговци на мало и на големо, кои не го почитуваат законот, да го пријават тоа во КЗК, зашто тоа е казниво. Со молчењето и непријавување на изигрувањето на законот си прават контра услуга на себе и на граѓаните. Од наредната година веќе ќе има промени во одредени делови на законот за да направиме да биде поефикасен. Една од тие промени е повеќекратно зголемување на казната од она што е предвидено со законот, изјави Ристески.
Како што рече, Законот за нефер трговски практики треба да биде стожер во нормализирањето на цените на подолг рок. Посочи дека една од целите на тој закон е да нема фаворизирање на увозни производи во однос на македонските, особено во делот на маркетингот каде што тие се помоќни.
Соопшти и дека кампањата за македонски производи која почна со земјоделските постепено ќе се проширува за да ги опфати сите видови македонски производи со цел да се помогне економијата и животниот стандард.