„Овој случај ќе го следиме одблизу и треба сите да знаат дека оваа работа нема да се стави под тепих. Ова е прашање на опстојување на државата и во периодот кој следува ќе се одмотува овој гордиев јазол“, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешната прослава по повод 8 септември, Денот на независноста која се одржа во Македонската филхармонија.
Во говорот пред публиката тој ги спомена и наводите за нелегалното прислушување и кажа дека дека мора да има одговорност за незаконското следење.
,,Се следи и се прислушкува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем, не само што уништуваат генерации луѓе, туку ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаа безбедносниот систем. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи што во суштина не постојат. За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот поврзан со мене, а богами и со моето семејство. Разбирам јас, ама децата“, рече Мицкоски.
Според премиерот, не е прашање дали ќе се декласифицираат материјалите, зашто тоа смета дека е сосема ирелевантно. Тој смета дека се работи за страв и паника, но и за изговори за дефокус на јавноста од вистинските дилеми.
,,Вистинското прашање е како да ги спречиме злоупотребите и повеќе ова да не се повтори. Тоа ќе се случи само кога ќе има одговорност, а одговорност мора да има“, порача Мицкоски.
Тој додаде дека сите материјали од институциите и сознанија за незаконското следење се предадени на Обвинителството и рече дека се познати и слабите капацитети и за жал ниската доверба во институцијата.