Кога беше отворен во 2015 година, хотел „Ибис“ беше промовиран како инвестиција вредна 6 милиони евра, меѓутоа речиси една деценија подоцна стана предмет на купопродажна зделка вредна 5 милиони евра. „Фокус“ ја истражуваше оваа купопродажба, па до какви сознанија дојдовме од документацијата што ја обезбедивме од Централниот регистар?
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Хотел „Ибис“, лоциран во строгиот центар на Скопје, е во сопственост на компанија основана во 2012 година, која оттогаш до денес сменила неколку називи – „Евро Балкан Хотелс“, „Хотел Ибис“ , „ЕК-ОР“, „Орка Хотел“ и „Муфрима Хотел“, а во нејзината сопственичка структура низ годините се смениле повеќе субјекти, кои главно биле поврзани со семејството Камчеви.


Но, во 2019 година единствен сопственик на друштвото што го поседува „Ибис“ станува „Орка Холдинг“, која ланската 2024 година одлучува да го продаде хотелот на „Муфрима Инвестмент“ со седиште во Дубаи за 5 милиони евра.


По оваа промена, управител на македонското друштво станува Сашо Толески, кој воедно е заведен и како вистински сопственик од 2024 година, откако претходно во тоа својство е запишана Ратка Куноска-Камчева, мајка на Орце Камчев.


Во документите доставени до македонските органи со кои располагаме, Толески е заведен како агент за недвижности со адреса на живеење во Дубаи, Обединети Арапски Емирати, додека како негов работодавец е запишана „Ројалхоум“, компанија за недвижности од Дубаи која Толески го опишува како „виш консултант за недвижности“.


Арно ама, за кратко време на негово место нов управител на скопската „Муфрима Хотел“ („Ибис“) станува Роберт Џонески, чие име може да се сретне и како поранешен управител на некогашната „Архи“ или денешната „Панорама Резиденс“, исто така своевремено во сопственост на Камчеви, која во одреден период била и единствен сопственик на хотел „Ибис“.


Всушност, тоа го прави Џонески линк меѓу поранешното сопствеништво на Камчеви врз „Ибис“ и новото сопствеништво од Дубаи, кое на хартија се води на „Муфрима“, т.е. на Толески, македонски државјанин кој работел во секторот за недвижности во Дубаи.
Според финансиските извештаи, поранешната „Орка Хотел“ или денешна „Муфрима Хотел“ бележи раст на приходите од 2020 до 2023 година од 23 на 107 милиони денари, а во 2022 и во 2023 година нотирана е добивка од 15, односно 13 милиони денари. Единствено, пад на приходите се бележи ланската 2024 година, кога тие изнесувале 55 милиони денари, но имало добивка од 6 милиони денари.
ЦРНА ЛИСТА И ПРИЗНАНИЕ НА ВИНА
Во два наврати досега, испративме прашања по официјален пат до „Муфрима Хотел“, како и на лична мејл-адреса на Сашо Толески, кои беа поврзани со купопродажбата на хотел „Ибис“, со друштвото „Муфрима“ со седиште од Дубаи, со посочениот вистински сопственик Толески, за евентуални други бизнис и деловни активности итн. Меѓутоа, не добивме никакви одговори.
Инаку, оваа купопродажна зделка се случува откако Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Куноска-Камчева се најдоа на „црна листа“ на САД во 2023 година, во пакет со семејните компании „Камчев Консалтинг“ и „Орка Фајнанс“, преку кои всушност тие ја поседуваат „Орка Холдинг АД“.
Притоа, американските власти истакнаа дека Камчев ја „злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности“, а воедно потенцираа дека бил осуден во „Парцели на Водно“ и дека се изјаснил за виновен во случајот „Империја“.
Како резултат на тоа, целиот имот и интереси на Камчеви во САД или во сопственост или контрола на лица од САД се блокирани или замрзнати, се забрануваат и сите трансакции на лица од САД со овие лица или нивни имот и интереси и се забрануваат и сите трансакции од други лица кои би можеле да ги таргетираат.
Веднаш по „поцрнувањето“ на Камчеви и на други македонски државјани, тогашната македонска влада достави измени на Законот за рестриктивни мерки, со воведување на нови инструменти против лицата на „црна листа“ на САД и Британија. Меѓутоа, Собранието никогаш не ги усвои овие измени!
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.