И по две години откако „Фокус“ го објави скандалот Онкологија никако да се среди гужвата, хаосот и хоророт што го поминуваат пациентите болни од рак додека чекаат да ја примаат неопходната терапија на скопската Онколошка клиника.
Гужви пред влез, хаос внатре кај шалтерите, редици додека болните влезат во дневната болница за да ја примаат терапијата, која живот значи.
Екипата на „Фокус“ ја посети клиниката и од тоа што можевме да забележиме на терен е страшната голгота со која секојдневно се соочуваат овие пациенти, од кои некои патуваат километри додека да стигнат до болницата. Изнемоштени и болни, со документите во раце чекаат пред ординациите на своите лекари во зависност од тоа, кој од каков вид на карцином боледува. Повеќето во придружба на своите најблиски поминуваат часови додека да дојдат на ред за терапија, а потоа пак нема место во дневната болница за да седнат и да го примаат неопходниот лек.
„Секој пат кога доаѓаме е вака. Јас сум еднаш неделно тука, ја носам од Тетово мајката на сопругата која има канцер на дебело црево. Кога ќе земе број за да чека ред за терапија, минуваат неколку часа додека да влезе во дневната болница. А, нема место каде да седнат пациентите. Ние, ајде ќе се снајдеме надвор од болницата, но извинете на изразот на некој ова му се последни месеци од животот, мислам дека не треба да ги помине чекајќи по болничките ходници“, вели во изјава за „Фокус“ еден од придружниците на пациентка болна од рак.
Тој уште додава дека мора да земе и ден од работа, да најде некој да ги чува децата бидејќи неговата сопруга не можела да земе слободен ден.
„Тоа е дополнително малтретирање и за пациентите и за придружниците. Не знам зошто не отвораат регионални центри во Тетово, Битола, Струмица, Охрид, Штип…па да не мора да доаѓаат пациентите дотука и да чекаат по цел ден да примаат хемотерапија. Вака се создаваат гужви. лекарите и сестрите не можат да постигнат да опслужат толкава бројка на пациенти, а пак болните кои боледуваат од рак, дополнително се изложени на замор и стрес“, додава за „Фокус“ придружникот на пациентката.
На оваа тема поразговаравме и со Ана Марјановиќ од Здружението „Хемо-Онко“, кој објасни со каков хаос се соочуваат пациентите, но и истакна на кој начин единствено може да се реши овој проблем.
„Во однос на гужвите на Онкологија како Здружение и онколошки пациенти сметаме дека решението на овој проблем ќе биде децентрализацијата. Но, истата мора да биде организирана соодветно. За нас онколошките пациенти тоа значи да имаме достап до Стручниот кадар на Онкологија, каде што има експерти во завод дијагнозата, но во исто време терапијата да биде достапна во локалните болници.
Единствен начин за ова да профункционира е да станат дел од Клиниката за онкологија. Процедурата е започната, доктори веќе одат на клиниката во Битола, но ова е само привремено решение. Се надеваме дека трајното решение ќе се случи во тек на 2026 година. Како втор проблем е надостатокот на персона, кој и покрај неколкуте одобрени вработувања поради недостаток на стручен кадар не се пополнуваат“, вели Марјановиќ во изјава за „Фокус“.

Сепак, тоа што претставува уште еден проблем на Клиниката за онкологија, а се провлекува веќе подолг период е немањето на дел од лековите. Во овој случај станува збор за лековите „docetaksel“, со кој се третираат повеќе видови на карциноми како на дојка, простата, стомак, глава и некои вратни канцери, како „5Fu“, со кој се третираат гради, стомак, панкреас, кожни заболувања.
Го контактиравме и директорот на Онколошката клиника, доктор Игор Стојановски, кој ни потврди дека имало некој застој од страна на дистрибутерите, ама дека ветиле дека оваа недела ќе ги испорачаат.
„Фокус“ пред две години објави серијал на текстови за начинот на кој биле лекувани пациентите, како и финансискиот криминал на скопската Клиника за Онкологија. Обвинителството покрена две обвиненија, а позади решетки завршија поранешниот директор Нино Васев и економскиот Нехат Нухи. Обвинети се уште тројца лекари. Наредното судење за случајот „Онкологија“ продолжува на 5 септември.
Пишува: Ирена Мулачка
