Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави во саботата дека Европа веќе е во војна, алудирајќи на конфликтот меѓу Русија и Украина, кој го смета за „војна на европска почва“, и потсетувајќи на растечкиот ризик од глобален конфликт.
За време на говорот на летниот универзитет во Тушнад, Орбан истакна дека од 2014 година, Европа „си игра со оган“, што доведе до сегашниот конфликт, објавија унгарските медиуми.
Премиерот на Унгарија го критикуваше Западот, истакнувајќи дека политиката на експанзија кон Украина е погрешна и дека придонела за избувнување на војната, пренесува Анадолија.
Орбан рече дека западните лидери не сфатиле дека влезот на Украина во ЕУ може да претставува егзистенцијална закана за Русија.
„Секој обид за промена на рамнотежата на моќта предизвикува непосредна реакција од спротивната страна“, рече тој, додавајќи дека пристапувањето на Украина кон Западот е извршено „во погрешно време, на погрешно место, со погрешен метод“, што, според него, „завршило со војна“.
Во контекст на глобалните предизвици, Орбан предупреди дека шансата за светска војна постојано расте, нагласувајќи дека Унгарија мора да се подготви за секое сценарио, објави Танјуг.
Ривалството на големите сили, трката во вооружување и ескалацијата на помалите вооружени конфликти низ целиот свет го зголемуваат ризикот од глобален конфликт, рече тој.
„Пред глобалниот пожар, бројот на помали вооружени конфликти низ целиот свет има тенденција да се зголемува, трката во вооружување се интензивира, светот станува блокиран во однос на економската политика и миграцијата се интензивира – сите овие фактори се присутни сега. Влоговите на светска војна постојано растат“, објасни Орбан.