Повозрасен маж загина во несреќа на пешачката зона на кејот на Вардар, спроти Паркот на Франкофонијата.
Несреќата се случила вчера околу 20 часот, а според очевидци, мажот бил прегазен буквално под прозорецот од својот стан, веднаш откако излегол надвор.
Очевидци кои споделуваат детали на социјалните мрежи тврдат дека мотоциклот со кој било удрено лицето, бил управуван од две лица кои наводно бегале од полицијата.
Граѓани кои биле на лице место сведочат за сцени на паника, шок и вознемиреност, особено поради присуството на мали деца кои го виделе моментот на ударот.
Негов познаник објави статус на Фејсбук во која пишува: „ Го убија со мотор, скап мотор, безтаблички, бегајќи од полиција на Кеј 13 Ноември, покрај Паркот на Франкофонијата, каде што секогаш си играат нашите деца, кои беа сведоци на настанот“.
„’Да умрам недалеку од местото кај што се родив’, најчесто се поистоветува со човековата желба, честопати вкоренета во чувството на поврзаност со сопственото потекло и желбата за враќање кон домот, корените…
Чичко Југо, татко на две прекрасни ќерки кои израснаa во прекрасни мајки и му подарија три внучиња. Чичко Југо на никого ништо не му згришил, да не го знаеш ќе се чудиш од каде толку фин, културен, кога и да те види ќе те поздрави, ќе ти направи секогаш фин муабет. Нема човек кој не го сакаше, не го почитуваше.
Чичко Југо загина под сопствениот прозор, буквално под сопствениот прозор. Го убија со мотор, скап мотор, без таблички, бегајќи од полиција на Кеј 13 Ноември, покрај Паркот на Франкофонијата, каде што секогаш си играат нашите деца, кои беа сведоци на настанот.
Секогаш ќе те памтиме само по добро чичко Југо“, пишува во објавата.
