600.000 автомобили и просечна старост од 19,4 години: како државата го зголеми загадувањето!

by irena 10:12
10:12

Во земјава има речиси 600 илјади автомобили, од кои, заклучно со 31 декември 2024 година, 365.947 користат дизел гориво. Според Државниот завод за статистика, просечната старост на патничките возила е 19,4 години за 2024. Пред да почне олеснувањето на увозот во 2010 година, Македонија имала возен парк со просечна старост од 15,7 години. Ниту претходната, ниту оваа власт не изразиле намера да ги заострат мерките за увоз на половни возила, односно да го забрани импортирањето на оние возила што се произведени пред 2009 година и не ги задоволуваат ЕУРО 5 стандардите.

 

Пишува: Орце КОСТОВ

Издувните гасови од македонските автомобили учествуваат со 60 отсто во загадувањето на воздухот со азотни оксиди. Сепак, увозот на возила што во Европа се отпад, а кај нас луксуз, се зголемува од година во година.

Новите регулативи на Европската Унија можеби ќе помогнат со загадувањето во Македонија затоа што нема да може лесно да се увезе амортизирано и старо возило што ги исполнува барањата за увоз на нашата земја, но, сепак, испушта високи емисии на штетни издувни гасови.

Европската Унија, со цел да ги спречи најлошо одржуваните или технички неисправни автомобили да завршуваат во трети земји како што се земјите од Западен Балкан, меѓу нив и Македонија, почна да развива нов пакет регулативи, според кој, кога одредено возило ќе се продава или извезува од ЕУ, мора да биде јасно докажано дека не е „возило на крајот од животниот век“ (End-of-Life Vehicle – ELV) и дека е технички исправно и безбедно за сообраќај.

Тоа значи дека без стандардизиран доказ за исправноста на возилото, нема да може да се продаде автомобил од Германија, Италија, Франција и Словенија. Од овие земји, најмногу се извезува и целиот извоз завршува во земјите, како Македонија, Србија, Црна Гора и БиХ.

Доказот за исправноста ќе се добива со задолжителен технички преглед или проценка од независен експерт, чија услуга ќе влезе во крајната продажна цена на автомобилот, доколку тој добие документ за извоз.

Токму трошокот за издавање доказ или сертификат за техничка исправност е еден од најоспоруваните делови на ЕУ регулативата затоа што се очекува да биде меѓу 1.500 и 2.000 евра или близу до вредноста на најевтините автомобили што се извезуваат на пазарите на Балканот.

Тоа нема да биде исплатливо за стари возила од 2005 до 2009 година, кои имаат Еуро4 стандард за емисии за гасови, затоа што нема да биде исплатливо да се подготват за извоз од ЕУ и, наместо тоа, ќе завршуваат на рециклирање во самата Унија, од каде што веќе нема да можат да се транспортираат.

Главната логика на Европската Унија е еколошка и економска, односно подобрување на циркуларната економија. ЕУ сака да ги рециклира вредните суровини, како литиум, никел и кобалт, да ги намали отпадните количества и потенцијалното загадување во трети земји, и да спречи дека неисправни „отпадни“ возила се продаваат како половни.

Тоа нема да значи тотална забрана за извоз на половни автомобили од ЕУ, туку многу построги критериуми за тоа кои автомобили можат да бидат предмет на извоз. Модерните и исправни возила, стари 3, 5, 6, па и до 10 години и натаму ќе може нормално да се увезуваат без проблеми.

Новата регулатива е дел од поширока рамка на правила за продажба на возила што ЕУ треба да ја усвои годинава и првичниот рок за спроведување да биде во 2027 година.

Тоа најверојатно ќе го промени пазарот во Македонија, ќе се увезуваат помалку евтини и стари загадувачи, ќе има поскапи и понови автомобили, но и повисоко ниво на безбедност и почиста животна средина.

РЕКОРДЕН УВОЗ

Според податоците од Царинската управа, во текот на 2025 година, заклучно со 31 декември се увезени 60.400 автомобили, од кои 13.658 се нови, а 46.805 се половни.

Царинските податоци покажуваат дека 2025 година донесе најголем број увезени половни автомобили во последниве пет години, со вкупен раст на возниот парк. Половните возила сочинуваат над 77 отсто од вкупниот увоз на патнички автомобили, што е повисоко од 69,9 отсто во 2024 година, кога беа увезени 41.483 половни од вкупно 59.530.

Споредено со податоците од минатите години, лани увозот на нови возила достигнал бројки што не се регистрирани никогаш претходно од 2009 година.

Тоа претставува сериозен раст во споредба со 2023 година, кога биле увезени вкупно 43.212 автомобили, од кои 9.999 нови и 33.213 половни. Растот е забележителен и кај новите возила, речиси за 30 отсто, но и кај половните возила за нешто над 25 проценти.

Во 2022 година биле увезени 8.790 нови автомобили и 23.381 половен патнички автомобил, што е огромно процентуално зголемување на увозот, и покрај тоа што македонските граѓани немаат никакви субвенции од државата за купување нови, било да се бензинци, дизели или електрични возила, наспроти стари возила, кои се поголеми загадувачи на животната средина.

Најлоша е состојбата со возниот парк кај автобусите, каде што во 2025 година се увезени само 14 нови автобуси и дури 307, кои биле импортирани како стари во земја, која теоретски се труди да го намали загадувањето.

ДИЗЕЛИ СО ОТСТРАНЕТИ ФИЛТРИ

Во земјава годишно се увезуваат во просек по 40.000 возила. Во 2021 година имало околу 500.600 возила, од кои 55 проценти на дизел, 43 проценти на бензин, а само 3 проценти користеле алтернативно гориво.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, бројот во 2024 година изнесувал 580.210 патнички автомобили со македонски регистарски таблички. Во 2012 година, кога увозот на европски „крш“ фати залет, сме имале 301.761 регистриран автомобил.

Во земјава има речиси 600 илјади автомобили, од кои заклучно со 31 декември 2024 година, 365.947 користат дизел гориво, кое повеќе загадува ако автомобилот нема соодветен филтер. Според ДЗС, имаме и 150.439 автомобили што користат бензин, на плин се 57.000 возила, имаме 5.078 возила со хибриден погон (бензин, електрична енергија), 1.507 на електрична енергија и 13 на метан.

Тоа значи дека во земјава има над пола милион возила, од кои помалку од еден процент (6.598 автомобили) воопшто не загадуваат и сѐ додека не се намали бројот на возила и увозот на стари автомобили од странство, нема да се реши еден од проблемите со загадувањето.

И потрошувачката на дизел горивото во Македонија од 2012 година наваму бележи зголемување, односно две години по одлуката на тогашната влада да се дозволи увоз на половни автомобили од земјите на ЕУ со Еуро2 и Еуро3, а подоцна и со Еуро4 стандард.

Дизелот е главен виновник за загадувањето на воздухот со азотни оксиди, и тоа го потврди една студија на МАНУ. Според студијата изработена од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој на МАНУ, над 90 отсто од отровните прашини во воздухот ги емитираат оџаците на домаќинствата, а само десет отсто се од возилата. Издувните гасови од автомобилите, пак, учествуваат со 60 отсто во загадувањето на воздухот со азотни оксиди.

Во земјите на ЕУ, една четвртина од стакленичките гасови се резултат на емисиите од транспортот. Во Македонија, тој процент е помал, околу десет отсто, но постојано расте. Тоа е резултат на фактот што во периодот од 2012 до 2015 година, 77 отсто од возилата што биле купени, биле дизел.

Сѐ почна со масовниот увоз на старите автомобили во 2010 година. Додека во 2008 година имало регистрирано дури 25.000 патнички автомобили, стари до две години, во 2021 година, статистиката брои само 7.000 патнички автомобили стари до две години.

Во истата 2008 година, по македонските патишта сообраќале 176.000 автомобили постари од 10 години. Во 2021 година, бројот на вакви возила е зголемен на 424 илјади. Од секои десет возила, само едно е старо под 10 години.

Преполната државна каса од наплата на акциза од гориво беше причина политичарите на власт да не преземаат ништо, а новонастанатата ситуација, освен на граѓаните што почнаа да возат автомобили кои „баба ги возела“, им одговараше и на нафтените компании, чија потрошувачка на дизел гориво нагло се зголеми.

Иако генерално земено, транспортот не е доминантен загадувач со цврсти честички, кога се зборува за цврстите честички – ПМ10 и ПМ2,5 исфрлени од ауспусите, главните загадувачи се старите дизел возила.

Проблемот со дизел возилата е уште поголем, поради интервенциите за да се избегне вградување многу скап дел, кој во европските земји се смета за потрошен материјал.

Според она што може да се прочита на социјалните мрежи и на некои форуми, филтрите за дизел честички (ДПФ), во огромен број од главно постарите дизел автомобили, но и некои понови, се вадат кога ќе станат нефункционални и ја попречуваат работата на моторот, а потоа проблемот со фабричкиот софтвер на автомобилот се решава за малку пари. Вградување нов ДПФ може да чини кај некои автомобили и до 5.000 евра.

Затоа граѓаните прибегнуваат кон многу поевтино решение – вадење на филтерот и потоа софтверско нагодување за компјутерот на возилото „да не прави проблеми“.

Но, таквите автомобили загадуваат многу – еден автомобил без ДПФ, иако носи фабрички стандард Еуро 4, загадува колку возило со стандард Еуро 1 или возило што воопшто нема Еуро класа, велат наши извори од техничките прегледи.

ДПФ-филтрите може да траат обично околу 150.000 или двесте илјади километри. Нов филтер ДПФ чини околу 500 евра за нормални автомобили, без вградување, односно преку 1.000 евра за луксузни.

Честопати се случува истото и со катализаторите, кои се, исто така, скапи, а треба да се менуваат на определена километража од околу 100.000 км.

Кога во автосервисот ќе му кажат на возачот дека катализаторот чини од 500 до 800 евра, тој вели извадете го и продолжува да вози, и покрај високата бучава што ја создава заменската цевка што ќе глуми „катализатор“.

„ПОЛНОЛЕТНИ“ АВТОМОБИЛИ

Последното издание на извештајот „Возила на европските патишта“, кој го издава Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), покажа дека сега има околу 290 милиони возила на патиштата во ЕУ и дека просечната старост на сите видови возила продолжува да расте. Автомобилите во ЕУ сега се стари 12,3 години во просек.

Во некои земји, автомобилите можат да бидат стари и до 17 години, како што е случајот во Грција (во просек 17,3 години) и Естонија (16,6 години). Најновите автомобили ги возат во Луксембург (7,9 години), и во Данска и во Австрија (8,9 години). Што се однесува до Хрватска, според податоците на ACEA, просечното возило е старо 13,3 години.

На македонските патишта се возат стари возила, чија просечна возраст се зголемува од година во година.

Според Државниот завод за статистика, просечната старост на патничките возила е 19,4 години за 2024 година, што е намалување за 1 месец во однос на 2021, 2022 и 2023. Пред да почне олеснувањето на увозот во 2010 година, Македонија имала возен парк со просечна старост од 15,7 години.

Стареењето е најизразено кај патничките автомобили, кај кои просечната старост е зголемена за 3,7 години. Товарните возила стареат за 2,7 години, додека кај автобусите, стареењето е најмало – само 0,7 години во период од 15 години.

Во 2024 година, над 87,9 проценти од автомобилите на патиштата биле постари од 10 години, а само 1,8 проценти биле не постари од две години. Во апсолутни бројки, во 2009 година имало околу 22 илјади автомобили не постари од две години, наспроти само околу 10 илјади во 2024 година. Над 455 илјади возила од вкупно 580.000 патнички автомобили се произведени пред 2010 година, што значи дека не ги исполнуваат еколошките стандарди Еуро 5.

Најзагрижувачка е состојбата кај регистрираните автомобили и автобуси, чија просечна старост за 2022 година се искачила на 19,5 години, според податоците од Државниот завод за статистика.

Улиците и тротоарите навидум се преполни од возила, но, сепак, сме под просекот од Европа, каде што еден автомобил е на двајца жители, додека кај нас еден на четворица.

Новите возила станаа луксуз за граѓаните, односно привилегија за функционерите и државните институции и затоа се одлучуваат да купат постари возила, кои спаѓаат во луксузна категорија, но се големи загадувачи.

Најголема причина за тоа, според експертите, е што државата не го субвенционира купувањето ново возило со еколошко гориво како во многу земји, па граѓаните се одлучуваат да купуваат извозени и истрошени возила со просечна старост од 10 години и со многу опрема за која се плаќа висока царина.

КОЗМЕТИЧКИ ИЗМЕНИ ЗА УВОЗ

Еколошките организации веќе побараа потенцијални ограничувања на увозот за да се намали загадувањето, нагласувајќи ги канцерогените честички што ги испуштаат постарите мотори. Се бараше забрана за увоз на возила постари од 10 години и оние под Еуро5 стандардот.

Иако се најавува во последните 4 години, ниту претходната, ниту оваа власт не изразиле намера да ги заострат мерките за увоз на половни возила, односно да го забрани импортирањето на оние возила што се произведени пред 2009 година и не ги задоволуваат ЕУРО 5 стандардите. Големите политички партии, пак, само декларативно се залагаат за намалување на штетните емисии од издувни гасови на старите возила.

Сликата во регионот укажува дека увозот на половни автомобили во Македонија е значително помал од оној во Србија, додека во Албанија е ограничен поради построги регулативи. Албанија забрани увоз на возила постари од 10 години од 2019 година, што го намали трендот.

Србија во 2024 година го забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандарди на емисии на издувни гасови, а идентичната мерка веќе ја спроведоа Албанија и Србија.

Црна Гора најавува дека ќе спроведе идентична мерка – забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандарди што се произведени пред 2009 година. Поради тоа, постои ризик во Македонија да завршат постарите возила од соседните земји преку каналите на продажба на дилерите.

Последната измена што владата ја направи беше во октомври 2023 година, кога беа усвоени измените на Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила поради потребата од примена на нова методологија за пресметување на износот на издувните гасови од моторните возила.

Повисоките даноци при увозот, владата одлучи да важат за луксузните возила, како и за оние постари возила што повеќе го загадуваат воздухот.

ОЛЕСНЕТИ ПРОЦЕДУРИ ЗА УВОЗ

Во септември 2025 година стапија во сила изменетите правила за увоз на возила, според кои, автомобилите што се увезуваат не поминуваат комплицирани постапки за единечно одобрување во Бирото за метрологија се преполовени.

Роковите за одобрување се преполовени, се врши само проверка на техничката исправност и идентификација, што значи двојно побргу завршување на целата процедура, но трошоците за крајниот корисник не се намалени.

За моделите што ги нема на пазарот во Македонија, документите се добиваат директно од импортерот и тие се поскапи за 20 до 30 евра, но ќе биде забрзана постапката за вадење документи.

Импортерите повеќе нема да плаќаат за скапи потврди од странство, туку целиот процес ќе се одвива кај домашните овластени застапници на брендовите, кои ќе ги издаваат потврдите за техничка усогласеност на возилата.

Примената на новиот Правилник не е само административно олеснување, најголемата предност е финансиската – наместо околу 1,3 милиони евра годишно, кои досега завршуваа кај странски компании за TÜV потврди, сега тие пари ќе останат во Македонија. Потврдите ги издаваат домашни овластени застапници, по цена од само 40 до 50 евра, што е значително пониско од досегашните трошоци.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини нагласува дека конечно, по 17 години, Законот за возила почнува целосно да се применува во согласност со европските стандарди – олеснувајќи ја процедурата, намалувајќи ги цените и заштедувајќи им пари на сите граѓани.

Текстот е објавен на 22 јануари 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.581

Слични вести