Како резултат на повеќемесечна, темелна предистражна постапка под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал реализираше координирана и обемна акција за разбивање на организирана криминална група.

Во рамки на акцијата, врз основа на претходно обезбедени судски наредби од Основниот кривичен суд, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола. Приведени се 14 лица, меѓу кои и доктори од ЈЗУ „8 Септември“ и ЈЗУ „Универзитетска клиника за дерматологија – Скопје“, како и сопственици на приватни дерматолошки ординации и лица кои организирале транспорт и дистрибуција на нелегално внесени лекови и медицински помагала.

Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги, јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување истражна постапка против 19 лица. Постои основано сомневање дека се инволвирани во извршување на кривичните дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“. Со пријавата се опфатени и шест правни лица.

Во текот на 2026 година, со јасна намера за стекнување противправна имотна корист, седуммина осомничени формирале две криминални групи, кон кои подоцна се приклучиле и останатите, користејќи правни лица од Битола и Скопје како параван за незаконските активности. Групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (вклучително и ботокс) од Србија, Кореја и Турција, кои нелегално ги внесувале на територијата на државата, со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица.
Дел од осомничените, иако биле целосно свесни дека станува збор за лекови и медицински помагала што не се увезени согласно законските прописи и за кои не постои одобрение, упатство или декларација издадена од МАЛМЕД, сепак вршеле естетски интервенции, со што директно го загрозиле здравјето и животот на граѓаните и предизвикале сериозна општа опасност.

Во рамки на истрагата, осомничен е и царински службеник кој, со цел стекнување противправна имотна корист, во два наврати примил поткуп за да овозможи влез на нелегална стока во државата, без да биде извршена задолжителна царинска контрола.
Истрагата опфаќа и блиски сродници на дел од осомничените, кои иако знаеле за нелегалните активности, активно учествувале во преземање, складирање и чување на нелегалните лекови и медицински помагала во своите живеалишта.

Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности и тежината на кривичните дела, утврди дека се исполнети законските основи за определување мерка притвор за 12 осомничени и во текот на денешниот ден до Судијата на претходна постапка ќе биде доставен предлог за нејзино определување. За останатите пет осомничени ќе бидат предложени соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство – соопштија од ОЈО.
Од МВР соопштија:

„Денеска (24.04.2026) Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против 19 физички лица и шест правни лица, и тоа: против Н.А. (43), С.К. (46), А.К. (41), М.Ѓ. (47), Ѓ.С. (32), С.М.С. (31) и В.С. (49) за „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ (чл.285 ст.5 во врска со ст.1 и 2 од КЗ) и „злосторничко здружување“ (чл.394 ст.1 од КЗ), против В.А. (61), Р.Т.Ѓ.(53) – косопственичка на правно лице од Скопје, Н.К. (42)- вработена како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, А.К. (45)- вработен како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, Д.Ф. (44)- вработен во ЈЗУ „Универзитетска клинка за дерматологија Скопје“, М.И.В. (38)- вработена како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, А.Т. (27), С.Ф. (36)- управител на правно лице од Скопје, К.А. (53)- управител на правно лице од Битола, О.Д. (65)- управител на правно лице од Скопје и С.А. (40)- управител на правно лице од Скопје за „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ (чл.285 ст.5 во врска со ст.1 и ст.2) во врска со чл.22 „соизвршителство“ и „злосторничко здружување“ (чл.394 ст.2) од КЗ, А.М. (38) за „примање поткуп“ (чл.357), „злосторничко здружување“ (чл.394 ст.2) и „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ (чл.285 ст.5 во врска со ст.1 и ст.2) во врска со чл.22 „соизвршителство“ од КЗ и против пет правни лица од Скопје и едно од Битола за „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ (чл.285 ст.6 во врска со ст.1 и 2) од КЗ“.