Здружението на новинарите на Македонија апелира до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии и Министерството за внатрешни работи да продолжат да обезбедуваат непречен пристап и услови за работа за новинарите и медиумските работници на сите избирачки места.
Професионалното, навремено и точно информирање на јавноста за текот на изборниот процес, велат од таму, е од суштинско значење за довербата во изборите.
„До ЗНМ утрово беа пријавени неколку случаи на попречување на работата на новинарските екипи:
-Скопје: Општина Карпош, (ИМ 2626) на новинарката Елида Зулбеари обид за одземање на мобилниот телефон и непристоен однос од страна на заменик претседателот на комисијата, по што имало интервенција од МВР, за што ќе побараме од ДИК да преземе санкции за службеникот.
-Охрид (ИМ 1270): На екипа од јавниот сервис ѝ беше оневозможен пристап во раните утрински часови со образложение дека, покрај новинарската легитимација, треба да поседува и „акредитација од ДИК“. По реакција на колегите и интервенција на лице место, пристапот беше овозможен и работата продолжи.
-Тетово: Новинар беше попречен да земе изјава од страна на членови на избирачкиот одбор, со упатување на „недостиг на акредитација“.
ЗНМ апелира до ДИК и МВР итно да ги известат сите избирачки одбори и службени лица дека не е потребна акредитација од ДИК за новинарите, со цел да се избегнат нови недоразбирања во текот на денот. Ќе продолжиме да ги следиме случаите, да реагираме институционално и да информираме за исходите.
Укажуваме дека за новинарите и медиумските работници во Македонија, освен новинарска легитимација од медиумот за кој новинарите известуваат, не е потребна посебна акредитација од ДИК за присуство и известување на избирачките места. Затоа, избирачките одбори, полициски службеници, набљудувачи и / или други чинители немаат основ да ја условуваат нивната работа со дополнителни дозволи.
Истовремено, ЗНМ повикува на почитување на изборниот ред: новинарите имаат право да снимаат општ амбиент и изјави, без нарушување на тајноста на гласањето и без оневозможување на текот на постапката“, соопштија од ЗНМ.