Освен во Ваљево, каде беше запален штаб на владејачката СНС, конфликт меѓу демонстрантите и полицијата имаше и пред белградскиот општински комитет на СНС. Сепак, со предупредувања за употреба на сила, полицијата ги растера демонстрантите. Меѓу звуците што се слушаа беа и топовски истрели.
И во Лесковец учесниците на протестот се приближија до просториите на СНС, но беа запрени од полициските сили што беа поставени како бариера. Демонстрантите најавија дека ќе чекаат да пристигнат претставници на СНС.
Секојдневните собири на демонстрантите се реакција на протестите во градовите Врбас и Бачка Паланка во Војводина, кога поддржувачите на владата ги нападнаа демонстрантите со пиротехнички средства.
Немирите беа предизвикани и од постапките на полицијата тој ден, која демонстрантите ја обвинија дека не презема ништо за да ги спречи нападите.
Комесарката за заштита на еднаквоста, Бранкица Јанковиќ, денеска оцени дека конфликтите на улиците низ Србија се случуваат затоа што е изгубена довербата на граѓаните.
Во соопштение за медиумите, таа оцени дека „луѓето ја земаат правдата во свои раце, бидејќи оние кои се должни да го сторат тоа не им обезбедиле заштита“.
-Нееднаквиот третман на граѓаните, давањето предност на некои во однос на другите, создава негодување, гнев, тензии, драматично тешки форми на кои моментално се соочуваме – рече Јанковиќ.
Претседателката на српскиот парламент и функционерка на владејачката Српска напредна партија, Ана Брнабиќ, реагираше на нејзината изјава.
Во објава на социјалната мрежа X, Брнабиќ рече дека изјавата на комесарката е „изјава од лице со нула личен и професионален интегритет“.