Покрај тоа што Македонија е потписничка на Истанбулската конвенција, заштитата на жените од родово базирано насилство и понатаму е бавна, нефункционална и недоволна. Стравот, срамот и институционалниот молк ја одржуваат статистиката висока, а довербата ниска.
Жените кои се жртви на некаков вид на насилство, многу често се жртви и на самиот систем. За жал, системот понекогаш станува најголемиот непријател на човековите права. Еден таков случај е Росица која наместо поддршка, добила тишина, а наместо заштита, добила смртна опасност. Ова е само уште едно убиство кое можеше да биде спречено.
Според последните истражувања, секоја трета жена во земјава има доживеано некаков облик на насилство: физичко, психолошко, сексуално или економско. И покрај тоа, огромен дел од случаите остануваат непријавени. Причините за тоа се бројни: страв, недоверба во институциите, економска зависност, но и длабоко вкоренет срам. Сето тоа укажува на сериозна криза на доверба во институционалната заштита.
Дополнителен доказ за институционалната неефикасност се наоѓа и во бројките на последниот извештај на Заводот за ревизија: во периодот од 2018 до 2022 година, 38% од планираните активности не се имплементирани, а 19% се реализирани делумно. Ова недвосмислено покажува дека системот потфрлил – не само во имплементацијата на стратегиите, туку и во исполнувањето на основната задача: заштита на животот и достоинството на секоја жена. Во периодот од 2020 до 2023 година, во земјава се евидентирани вкупно 6.282 нови жртви на семејно насилство, со забележан благ пораст од година во година.
Паралелно со ова, во периодот од 2018 до 2023 година се регистрирани 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство. Од нив, најголемиот дел – 61% – се однесуваат на телесна повреда, додека 35% се случаи на загрозување на сигурноста. Овие бројки не само што се загрижувачки, туку укажуваат и на потребата од поефикасен институционален одговор и превентивни механизми. Од евидентираните 6.423 сторители, 91 проценти се мажи, а од регистрираните се 6.663 жртви 79 отсто се жени. Овој сооднос на мажите како доминантни извршители, а жените како најчести жртви останува константен.
Фемицидот врз Росица не е „единствен случај“, туку трагичен резултат на долгогодишен институционален молк. Закони постојат, стратегии постојат, но додека нивната примена остане само на хартија, жените ќе продолжат да живеат во страв, а некои, за жал, нема ни да го преживеат тоа.
Заштитата на жените не смее да биде празна формалност – таа мора да биде реална, брза и ефикасна. Секој изгубен живот поради нечија неактивност е колективен срам, а времето за промена одамна истече.
С.Т