Земјотрес со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала денес го погоди кинескиот регион Тибет, соопшти Германскиот истражувачки центар за геонауки (GFZ).
Земјотресот се случил на длабочина од 10 километри во северниот дел на Тибет, наведе GFZ, пренесува Ројтерс.
Епицентарот се наоѓал на стотици километри северно од областите во Непал и Кина кои во средата беа погодени од смртоносни ненадејни поплави.
Кинескиот центар за следење земјотреси потврди дека во регионот Нагчу во Тибет е регистриран земјотрес со јачина од 4,7 степени, објави претходно кинеската државна новинска агенција Синхуа.
Кина активираше мерки за справување со поплави од четврто ниво во Тибет поради ризикот од пукање на браната на вештачкото езеро создадено од одрон на земјиште.
Кинеското Министерство за водни ресурси им наложи на локалните власти да ја следат состојбата на езерото и врнежите, а испрати и стручен тим во округот Џиронг.