Украина доби нацрт-безбедносни гаранции од Соединетите Американски Држави и сега ќе го обработи тој предлог и ќе ги додаде своите предлози, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Ќе разговараме за ефикасни безбедносни гаранции и работиме на тоа. Исто како што направивме со 20-те точки и економските предлози, ќе работиме и со безбедносните гаранции од САД, додавајќи ги нашите идеи, реформирајќи го овој поднесен нацрт. Денес ќе ја споделиме нашата визија, а потоа за неколку дена ќе го предадеме овој документ на американската страна“, рече Зеленски за време на разговор со новинарите, пренесува Укринформ.
Зеленски додаде дека преку видео повик разговарал за безбедносните гаранции со американскиот државен секретар Марк Рубио, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, како и со специјалниот претставник на САД Стив Виткоф.
Тој истакна дека нацртот што Киев го добил од Вашингтон е само основа, нагласувајќи дека е заеднички одлучено да се изготви нацртот. Според неговите зборови, двете страни „разбираат“ дека треба правно да ги потврдат обврските на државите, со оценка дека Будимпештанскиот меморандум се покажал како слаб.
„Значи, документот за безбедносните гаранции на кој работиме ќе заврши во (американскиот) Конгрес и ќе има потреба од поддршка од Конгресот.“ Ни требаат ефикасни безбедносни гаранции, а не нешто како Будимпештанскиот меморандум. Сите го разбираат тоа и јас сум благодарен на Америка за ова разбирање“, додаде Зеленски.