Започнале преговорите за реконструкција на Владата, дел од партнерите ги доставиле барањата

by vlatko 22:53
22:53

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски, на седницата во петокот го информирал Извршниот комитет на партијата дека се започнати преговори со партнерите во Владата во врска со најавената реконструкција и дека дел од нив доставиле свои барања.

Ова го кажа генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајковски, во вечерашното гостување на ТВ Сител, наведувајќи дека, според тоа што ги информирал лидерот, преговорите се во почетна фаза и ќе продолжат во наредниот период.

-Од она што претседателот го запозна Извршниот комитет започнати се преговори со политичките чинители во Владата и ова е во почетна или прва фаза од преговорите, каде што се доставени барањата од дел од политичките субјекти, но Владата, односно премиерот ќе преговара во понатамошниот тек, па сигурно ќе биде навремено информирана јавноста – рече тој.

Генсекот на ВМРО-ДПМНЕ додаде оти верува дека и ВЛЕН и ЗНАМ се политички субјекти кои се голема поддршка на Владата и дека така ќе остане и во следниот период.

Прашан какво е расположението во ВМРО-ДПМНЕ во врска со, условно кажано, амбицијата на ВЛЕН покрај позицијата прв вицепремиер да добие уште едно место, односно со Министерството за животна средина или некое друго да раководи друг кандидат од оваа коалиција, Сајкоски рече дека не разговарале во партијата на оваа тема.

Слични вести