Захарова: Москва внимателно ја следи ситуацијата во Србија пред изборите

by irena 20:10
20:10

Русија внимателно ја следи ситуацијата во Србија, каде што кон крајот на октомври ќе се одржат избори, и ја потврдува својата подготвеност за тесна соработка со Белград за сите прашања, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Внимателно ја следиме ситуацијата во пријателска Србија, која се подготвува за вонредни парламентарни, а потоа и за претседателски избори“, се наведува во коментарот на Захарова објавен на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.

Таа додаде дека Москва ја потврдува подготвеноста да продолжи со тесната и суштинска соработка со раководството на Србија за сите прашања од билатералната, регионалната и меѓународната агенда.

„Нашите односи се засноваат на предностите на силните братски традиции, сличниот поглед на светот и почитувањето на вистинските вредности. Уверени сме дека континуитетот на односите ќе послужи за националните интереси на двете земји, како и за зајакнување на мирот и стабилноста на Балканот“, истакна Захарова.

Москва им посакува успех и просперитет на граѓаните на Србија, кои ќе треба да направат важен избор, рече таа.

Захарова нагласи дека Русија го цени личниот придонес на Вучиќ во развојот на односите меѓу двете земји, кои се одржуваат на високо ниво во услови на „постојан силен притисок врз Белград, од кого залудно се бара да се откаже од пријателството со Русија“, пренесе Интерфакс.

Слични вести