За судијата Ѓоко Ристов засега не се бара притвор и не е приведен

by jadranka 23:04
23:04

Судијата Ѓоко Ристов, во чиј семеен дом беа пронајдени 350 000 евра кои биле скриени во ѕид, засега останува на слобода. Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вечерва соопштија дека предметниот јавен обвинител деновиве ќе реши дали ќе побара притвор или друга мерка за Ристов.
„Се продолжува со постапувањето и јавниот обвинител ценејќи ги сите околности деновиве ќе процени во однос на мерки за обезбедување на присуство на осомничениот за што навремено ќе информираме”, информираа од ОЈО ГОКК без да прецизираат дали осомничениот е обезбеден и кога ќе се одлучува за одземање на имунитетот што го поседува, по поднесено барање за притвор.

Согласно член 104 од новиот Закон за Судски совет, Советот со најмалку седум гласови од вкупниот број на членови на со право на глас кои се 13, дава согласност по барањето за одобрување на притвор на судија и му го одзема имунитетот, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Во истиот член е пропишано дека постапката во која Советот дава согласност по барањето за одобрување на
притворот на судија е итна и се спроведува во рок 24 часа од доставеното барање.

Но, засега нема такво барање од ОЈО ГОКК.

Инаку, ОЈО ГОКК и МВР претходно во денот информираа оти во домот на родителите на судија од Апелацискиот суд Скопје, во Неготино, при претрес, се пронајдени 350 000 евра кои биле соѕидани во простор во ѕидот. Од ова обвинителство соопштија и дека сомнежите се дека пронајдените пари се незаконски стекнати, а постапката која резултираше со денешните претреси е проширување на истрагата иницирана на 14 декември, кога беше осомничен адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.

Непосредно по примањето на парите, осомничениот Стафа беше лишен од слобода, при што кај него биле пронајдени и одземени паричните средства.

Слични вести