Пишува: Денко МАЛЕСКИ
35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи на Република Македонија
Холанѓаните и нивниот министер за надворешни работи, Ханс ван ден Брук, беа извонредни домаќини на Конференцијата за Југославија. Ни беше отстапен дел од еден кат во самата зграда на нивното Министерство за надворешни работи. Секоја делегација од републиките имаше сопствени простории опремени со факсови и телефони и заеднички ресторан на истиот кат. Кога доаѓаа претседателите на републиките, церемонијата на воениот аеродром во Хаг беше според сите правила за дочек на шефови на држави: салутирање на офицери, пространа црна лимузина следена од полиција на мотори од сите четири страни, извонредно хотелско сместување… Со еден збор, Холанѓаните го дадоа својот максимум во организациска смисла, во напор да се најде решение за југословенската криза и да запрат човечките страдања. За жал, главните протагонисти на југословенската драма имаа поинакви идеи: ним не им се брзаше и беа подготвени да тактизираат со животите на своите граѓани. Со време, поради нашата колективна неспособност да произведеме мир, исчезнаа церемонијалните почести, па Белгијците, идните претседавачи на ЕЗ, во една пригода, на еден бриселски воен аеродром, нè изложија на проверка на документите, вклучувајќи ги и оние на нашиот претседател.
Инаку, на пленарните седници на Конференцијата, републиките ги претставуваа нивните министри за надворешни работи, кои ја образложуваа позицијата на својата република. Потоа, во деновите до следната пленарна седница, Карингтон и неговите соработници се обидуваа да откријат некаков заеднички именител околу кој би се обединиле завојуваните страни, пред сè. Паралелно со пленарните седници, Карингтон организираше и поединечни средби со министрите за надворешни работи или со претседателите и нивните министри. Особено инсистирам на присуството на министрите за надворешни работи, заедно со претседателите, како неопходна компензација за незнаењето на шефовите, ми вели во шега, лорд Карингтон. Тоа, продолжи да се шегува, вели го знае од сопственото искуство како министер за надворешни работи и на одбрана, со премиерката Маргарет Тачер. Всушност, ништо подалеку од вистината. Имено, набргу се виде дека министрите за надворешни работи можеби добро ги изложуваа позициите на својата република, но тешко го „испорачуваа“ договореното – мирот. За евентуален мир беа неопходни претседателите. За жал, оние од нив што беа заробеници на своите национализми, не сакаа или не можеа да го испорачаат договореното. Како и да е, за документот што го подготвуваа за крајот на Конференцијата, нужни им беа ставовите на членките на федерацијата во распаѓање. Во неговата подготовка зеде учество и Сајрус Венс, некогашен американски државен секретар во администрацијата на претседателот Џими Картер. На Конференцијата за Југославија, Венс беше специјален пратеник на генералниот секретар на ОН, Бутрос Гали Венс, подоцна ќе ја земе и улогата на посредник во грчко-македонскиот спор.
САЈРУС ВЕНС
Роден во 1917 година, Сајрус Венс дипломира право на универзитетот во Јејл, во 1942 година, служи во морнарицата на Америка до 1946 година, а потоа работи во адвокатска фирма во Њујорк. Во 1963 година, претседателот Линдон Џонсон го именува за заменик-министер за одбрана. Некогашниот огнен заговорник на војната во Виетнам го менува своето мислење, поднесува оставка и се залага за дипломатско решение на војната. Станува државен секретар (министер за надворешни работи) во 1977 година, во администрацијата на претседателот Џими Картер. Поднесува оставка во 1980 година, како протест на одлуката на Картер да испрати тајна воена мисија за да ги спаси американските заложници во Техеран и ѝ се враќа на адвокатурата. Во 1990-тите зема учество во дипломатските мисии во Хрватска и во Босна, а подоцна е посредник во спорот меѓу Грција и Македонија.
Првото сеќавање за Венс, кого дотогаш го немав сретнато, ме враќа на една од пленарните седници на Конференцијата за Југославија, кој се одржуваше во Брисел по завршувањето на шестмесечното холандско претседателство со ЕЗ. Војните во Југославија веќе се беа разгореле, така што се наѕираше неуспехот на ЕЗ да произведе мир преку дијалог на конференциската маса. Сепак, во обид да се спаси мировниот процес, генералниот секретар на ОН, Бутрос Гали, го именува Сајрус Венс за претставник на светската организација на оваа мировна конференција. Седнати околу конференциската маса поставена во форма на правоаголник, забележувам дека во текот на моето зборување, обелената глава на еден повозрасен човек седнат во истата линија со мене, но на различни краеви на масата, на неколку пати се наведнуваше, за подобро да ме види. Тоа, како што разбрав на паузата, беше Сајрус Венс, кој ми пријде за да се запознаеме, ми даде комплимент за тоа што го зборував и ми предложи да му се придружам на летот од Брисел кон некоја дестинација во Југославија. Сакаше, имено, подетално да разговараме за шансите за мир. Ми пружи лист хартија со „џејмсбондовски“ инструкции, кој сум го сочувал со другите белешки.
Be at ST Petersberg Hotel, Bonn
At no later than 7.00 Tuesday 15 Oct
Bonn-Keln Airport
Military Section, VIP Area
We fly from Bonn at 8.00.
И денес жалам што не се оствари тој заеднички лет со авионот на светската организација, кој му беше ставен на располагање на специјалниот пратеник на Бутрос Гали. Но, во отсуство на логистичка поддршка беше невозможно да продолжам со активното учество во работата на Конференцијата и да извршам резервации за транспорт и ноќевање. Сепак, остана чувството на задоволство дека, преку она што го говорев на конференциската маса, Македонија стекна уште еден важен пријател. На Венс, имено, целосно му беше разбирлив јазикот што го говорев исто како што мене ми беше неговиот.
Со Сајрус Венс продолживме да се среќаваме и да разговараме на Конференцијата за Југославија, но и подоцна во Њујорк, кога стана посредник во грчко-македонскиот спор. Првата средба, сепак, беше највпечатлива и на неа се присетив гледајќи ја сликата на која бевме Венс, Глигоров и јас од некаков прием во ОН и читајќи го пакосниот текст на новинарката на едно скопско списание дека Македонија има толку неспособен претставник во светска организација што претседателот дојден од Скопје, мора да го запознае со Венс!
БАДЕНТЕР
На една од првите пленарни седници на Конференцијата за Југославија се обрати и Робер Бадентер. Роден во Париз, во 1928 година, Бадентер дипломирал на Сорбона, каде што, по адвокатската кариера, ќе стане професор. Во 1981 година, претседателот на Франција, Митеран, го именува за министер за правда, позиција на која ќе остане до 1986 година, кога е именуван за претседател на Уставниот суд на Франција за период од 9 години. Во 1991 година, Робер Бадентер, од страна на Советот на министрите на ЕЗ е именуван за член на Арбитражната комисија на мировната конференција за поранешна Југославија. Од другите четири членови, Бадентер е избран за нејзин претседател. Арбитражната комисија публикува единаесет совети за „значајни правни прашања“ што произлегоа од распаѓањето на Југославија. Ако го изземам неговото обраќање на почетокот на Конференцијата за Југославија, на кое со многу розови бои ни го навести моментот на владеењето на правото во Европа и во светот, моите сеќавања за овој истакнат правник се пријатниот разговор што го имавме шетајќи во холот на конференциската палата, додека огромна група новинари беа свртени кон претседателите на републиките на некаква конференција за печат.
Следната средба беше на Лондонската конференција, која не беше баш пријатна. Се случи во големата просторија за ручек. Бадентер стана и исчекори од масата на која седеше за да се поздрави и за да ми порача да истраеме во одбрана на името, бидејќи, како што рече, правото е на наша страна. Мала грижа на совест на човекот, кој запиша дека, од правен аспект, ние имаме право на сопствено име. Меѓутоа, лекцијата за односот меѓу правото и политиката во меѓународните односи веќе беше научена. Секако, ако и самиот имал дилеми за односот меѓу правото и политиката, примерот со Македонија му рекол сè. Затоа, мислам дека во неговите зборови имаше една доза на вина поради текот на политичките настани што ги заобиколија правните решенија што ги предложи Арбитражната комисија со која претседаваше и во кои вложивме толку надеж и труд. И доживеавме толку големо разочарување.
Разумните и оптимистички зборови на Бадентер на неговото прво обраќање на Конференцијата за Југославија запишани во моите сеќавања, сега ги доживувам само како сведоштво на наивноста на овој правник со светска репутација. Еве како сум го забележал неговото обраќање на почетокот на југословенската криза.
„Бадентер изразува благодарност до Карингтон. Вели дека е среќен што може да помогне како претседател на Арбитражната комисија. Смета дека сега е одлучувачкиот момент за мир во Југославија, која ја знае и ја посетил. Како да се надмине кризата, прашува. Има два начина – сила и право. Силата нема место во денешна Европа. Ако силата нема место никаде во Европа, тогаш останува правото. Тоа значи не само мирни решенија, туку и правни решенија. Совеста на сите европски земји ги прифати како такви. Значи, заклучува, ова е новото во историјата на Европа, а ново е и што, првпат во историјата на континентот, империјалистички сили не наметнуваат решенија. Првпат во историјата живееме во Европа, во која сите се придржуваат кон принципите на демократијата, правата на човекот и слободата. Вели дека арбитражата не може да ја замени конференцијата и шармот на дипломатијата. Сепак, претседатели на уставни судови на европски земји во арбитража е нешто досега невидено. Вели дека секој од нив, во својата земја носи огромен товар на одговорност за состојбите на правдата и демократијата и тие се почитувани од своите сограѓани. Се согласиле, истакнува натаму, и во оваа ситуација да ги афирмираат истите принципи на демократија и на човекови права врз кои стојат нивните цивилизации. Мотивот на нивната работа го гледа во тежината на кризата, но и во тоа да покажат дека во Европа се почитуваат истите фундаментални права. Смислата и мисијата на арбитражата во однос на конференцијата е оваа: делиме одговорност, но не заменуваме никого“.
(Продолжува)