За надзор и експропријација на брзата пруга која нема проект се планирани над 170 милиони евра

by irena 12:24
12:24

Проект за брза пруга, која ќе ги поврзе Белград и Солун и ќе минува низ Македонија, постоел уште во 1978 година и била планирана траса по која возовите ќе минуваат со брзина од дури 250 км/ч.

Сега нема нов проект и нема физибилити студија, но владата си направи своја анализа врз основа на податоците од изградбата на брзите пруги во регионот, а не врз основа на податоците од теренот по целата Вардарска долина по која ќе поминува брзата пруга, едниот колосек за товарни возови до 120км/ч, а другиот за патнички возови, кои ќе треба да се движат со брзина од 160км/ч.

Владата се зафати со проектот брза пруга, кој ќе биде единствениот случај во светот во кој ќе се изработуваат физибилити студија и кост-бенефит (анализа на исплатливост) ретроактивно, врз основа на веќе донесена политичка одлука, односно изгласана информација на владина седница.

„Владата ја разгледа Информацијата за потребата од реконструкција на постојната и изградба на брза железничка пруга долж Коридорот 10 и од анализата на цени на проекти за изградба на двоколосечни брзи пруги во регионот, која ги опфаќа проектите за изградба на брза пруга помеѓу Будимпешта и Белград со вкупна должина приближно 342 километри, од кои 183 км се во Србија, а 159 км во Унгарија, вредност на инвестицијата е проценета на околу 3 милијарди евра или 8,8 милиони евра по километар, проектот за изградба на брза пруга помеѓу Будимпешта и Ѓер – иако точната вредност не е објавена, според европските стандарди, изградбата на високобрзински железнички линии чини меѓу 20 и 40 милиони евра по километар, што за оваа траса би изнесувало приближно 3,4 до 6,8 милијарди евра, проектот за брзата пруга Белград – Нови Сад, како дел од идната брза железничка врска Белград – Будимпешта, има вкупна вредност од приближно околу 935 милиони евра и брзата пруга Загреб – Ријека, која е во фаза на планирање, а проценета вредност е околу 1,6 милијарди евра (9,2 милијарди куни) или 9,7 милиони евра по километар“, одговорија од владата за „Фокус“.

Врз основа на вака извршената анализа на цени на проекти за изградба на двоколосечни брзи пруги во регионот е утврдено дека најниската цена по километар двоколосечна брза пруга изнесува 8,8 милиони евра, а највисоката изнесува 14,4 милиони евра, тврдат од владата.

„Под претпоставка и ако се земе предвид најниската цена од 8,8 милиони евра за изградба на брза пруга, проценетата вредност за изградба на 200 км двоколосечна брза пруга би изнесувала 1,76 милијарди евра.

Дополнително, ако се земе праксата дека цената на чинење за изработка на проектна документација со потребните студии и основен проект изнесува најмалку 4 отсто од проценетиот износ за градба, додека за услугата што треба да ја даде надзорниот инженер, за експропријација и за други непредвидени трошоци најмалку од околу 10 отсто, тогаш вкупната проценета вредност за изградба на 200 километри двоколосечна брза пруга би изнесувало 2,01 милијарди евра.

Оваа проценета вредност е индикативна и истата е предмет на потврда/ажурирање за време на изработка на проектната документација“, дополнуваат од владата.

Тоа значи дека проектната документација со потребните студии и основниот проект ќе изнесува најмалку 70 милиони евра, а за услугата на надзорот ќе треба да се издвојат најмалку 10 отсто, односно 176 милиони евра, со што се доаѓа до сума од 2 милијарди евра.

„Вкупно потребните средства би се обезбедиле од Меѓународните финансиски институции/Комерцијални банки во износ од 95 проценти, односно со проценета вредност од 1,91 милијарда евра, додека 5 проценти, односно 0,1 милијарди евра ќе биде потребно да се обезбедат во Буџетот на Република С. Македонија “, откриваат од владата за „Фокус“.

Власта е убедена дека државата ќе обезбеди најповолни услови за финансирање на брзата железница. Финансиските детали ќе се прецизираат до средината на јули по што ќе следува, како што велат од владата, транспарентен тендерски процес на селекција на компанија при што треба да биде избрана најквалитетната понуда.

„Компанијата што ќе понуди најповолна и квалитетна понуда ќе биде избрана. Дополнително, ќе се инсистира проектот да се реализира по модел на заедничко проектирање и изведба, со јасно дефиниран фиксен рок за реализација на проектот од 5 години. За регулирање на договорните односи ќе се примени меѓународен стандард по кој се гради и се прават договори. Станува збор за ФИДИК стандарди сребрен или златен, кои обезбедуваат правна сигурност и заштита на интересите на државата во текот на целиот процес на реализацијата“, додадоа од владата.

Владата очекува брзата пруга да генерира приход од 100 до 120 милиони евра со кој ќе се отплаќа ратата за кредитот земен за изградба на проектот, но економската логика вели дека ратата треба да се исплаќа од профитот што останува откако приходот ќе се подели со расходите.

А, расходите во двете државни претпријатија, ЈП Инфраструктура и МЖ Транспорт се големи. Сега двата загубари генерираат приходи од околу 20 милиони евра, кои се трошат за плати, а останатото го покривале владите од државниот буџет.

Орце Костов

Слични вести