Во наредните четири години треба да биде завршена изградбата на автопатот Скопје–Блаце, долг околу 12 километри, проект кој се финансира со средства обезбедени преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во форма на грант од 30,8 милиони евра и заем од 167,6 милиони евра.
Станува збор за инфраструктурен проект што се реализира на исклучително тежок терен на падините на Скопска Црна Гора, при што трасата предвидува изградба на пет тунели, девет мостови, 11 потпатници, четири галерии и девет потпорни ѕидови со цел обезбедување стабилност на патот.
Изградбата, според најавите, треба да започне во август годинава, а рокот за завршување е четири години. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, информираше дека веќе се избрани консултант и изведувач, додека постапката за надзор е во фаза на евалуација.
Работите на вториот дел од автопатот ќе ги изведува конзорциум предводен од градежната компанија „Гранит“, кој ќе гради делница во должина од 10,5 километри. Заедно со претходно изградените 1,5 километри, вкупната должина на автопатот ќе изнесува 12 километри, со ширина од 27 метри.Деветмина пијани на пловни објекти: 52 прекршоци во акциска контрола на Охридското Езеро.